Алфред Нобел - динамит: Генијалци кои зажалиле за изумите што ги направиле славни
Алфред Нобел е креаторот на Нобеловата награда, но и личноста што го измислила динамитот. Првично направен за рударската и градежната индустрија, неговиот изум брзо се прославил како воено оружје, за што Алфред се каел целиот живот.

Кога некој ќе измисли нешто револуционерно, постои голема шанса да се збогати и да остане запомнет како важен дел од човечката историја.
Но, ова не значи дека секоја личност која измислила нешто големо е среќна за својот изум.
Четири генијални изумители кои се покајале за нивните изуми:
Алфред Нобел – динамит
Алфред Нобел е личноста одговорна за Нобеловата награда, но тој е и научникот што го измислил динамитот.
Уште во младоста, шведскиот хемичар правел експлозиви на база на нитроглицерин кои имале голема примена во рударството и градежништвото.
Потоа, во 1867 година, нашол начин како овие експлозиви да ги направи побезбедни за транспорт и за складирање и со тоа го измислил динамитот.

Неговиот изум брзо нашол примена во рударската индустрија, градежништвото, но и кај крадците.
Но, Алфред не предвидел дека динамитот ќе стане популарен и како оружје кое ќе се користи во војна.
Иако изумот му донел огромно богатство, Алфред чувствувал вина, па сакајќи да направи и нешто добро во светот, решил дел од своите пари да им ги дава на луѓе кои направиле голем придонес во науката.
И, со ова се родила Нобеловата награда.

Питер Бенчли – книгата Jaws
Култниот филм во режија на Стивен Спилберг е снимен според книгата Jaws на авторот Питер Бенчли. Книгата беше бестселер, а кога Спилберг ја екранизира, стана една од најпознатите приказни во светот.
Благодарение на филмот, Питер има продадено над 20 милиони примероци од книгата, а Спилберг, пак, се проби во Холивуд и стана еден од најпознатите режисери во светот.
Но, поради популарноста на филмот и книгата, зачестило ловењето на ајкули, па неколку видови биле и пред истребување.

Токму поради ова, Питер зажалил што воопшто ја напишал книгата. Но, за да ја намали штетата, го посвети целиот свој живот во заштита на живиот свет во океаните.
Дури и Спилберг изјави дека не му се допаѓа негативното влијание на филмот и книгата врз природата.
Тој, пак, почна да спроведува кампањи и да снима документарци за да ја зголеми свесноста за прекумерното ловење.

Итан Закерман – pop-up реклами
Рекламите што „скокаат“ од екранот кога ќе отворите некој веб-сајт се познати како pop-up реклами.
А, кога се појавија, некои веб-сајтови беа толку преплавени со нив, што сурфањето на интернет стануваше фрустрирачко.
На некои сајтови се појавуваа и по неколку реклами одеднаш, некогаш им ги „заглавуваа“ уредите на корисниците, па набрзо станаа едни од најомразените.

Свесен за гневот што го предизвикуваат, нивниот изумител – Итан Закерман – дури и јавно се извини.
Иако самиот бил маркетинг експерт, не очекувал дека овој тип реклами ќе почнат и да се злоупотребуваат.
„Жал ми е. Навистина имавме добра намера“, изјави Закерман во есеј од 2014 година.

Џозеф Игнас Гилотин – гилотина
Во 1789 година, кога јавните егзекуции биле норма, францускиот лекар Џозеф Гилотин сакал да направи машина со која усмртувањето ќе биде побрзо и помалку болно.
Но, иако намерата му била добра, сфатил дека можеби и не требало да го претстави својот изум пред светот.
Бидејќи егзекуциите со гилотина биле брзи, по нејзиното појавување, се зголемил бројот на смртни казни.
Пикот на егзекуциите се случил за време на Француската револуција, кога над 1.000 луѓе биле убиени на овој начин.
Уште полошо, Џозеф Гилотин сфатил дека и по обезглавувањето со гилотина, луѓето сепак останувале живи уште неколку секунди.
Па, засекогаш се каел за својот изум.

Спирова С. | Црнобело