Грешки што ги прават родителите кога купуваат облека и прибор за новата учебна година
Тесни панталони, џемпери со тесни јаки, прибор кој детето нема ни да го користи – кои грешки треба да ги имате предвид ако треба да купувате облека и прибор за новата учебна година?

Почетокот на новата учебна година значи и купување нова облека, патики, прибор, опрема за физичко…
Па, недела-две пред децата да се вратат на училиште, родителите имаат полни раце работа.
А, во целиот хаос да купат и да им обезбедат сè што им е потребно на децата, нормално е да направат и некои пропусти.
Дел од грешките што треба да ги имате предвид кога купувате облека и опрема за новата учебна година:
Купувате тесни панталони
Навистина е важно облеката што ја носат децата на училиште да им биде удобна.
Затоа, избегнувајте ги тесните панталони и секогаш давајте им предност на пошироките модели.
Препорачливо е и панталоните да бидат растегливи, особено во делот на половината.
Купувате јакни со темна боја
Секогаш е подобро јакните и палтата на децата да бидат со посветла боја поради нивната безбедност.
Кога детето ќе се враќа само од училиште, сигурно ќе треба да премине и улица. Ако носи светла јакна, ќе биде повидливо за возачите.
Уште подобро ако јакната има рефлектирачки ленти кои ќе го направат детето видливо и навечер.

Купувате неквалитетни чевли
Многу подобро е да му купите еден квалитетен пар чевли (патики) на детето за на училиште, отколку неколку поевтини парови со лош квалитет.
Најпрво обрнете внимание на ѓонот – треба да се превиткува само на делот каде што се превиткуваат и прстите. Ако ѓонот е многу крут или многу мек, може да се одрази врз држењето на телото на детето.
Кога е во прашање помало дете, секогаш е подобро да му купите патики со лепенки бидејќи ќе ги облекува многу полесно, а и можат да му дадат подобра поддршка на стапалото.
Важно е и патиките да не бидат многу тешки и да одберете соодветна големина за детето да не чувствува болка.

Купувате блузи од синтетички материјали
Без разлика дали вие носите облека од синтетички материјали, на вашето дете нема да му биде најпријатна.
Сепак, децата често трчаат и си играат за време на одморите на училиште, па ако носат блуза или кошула од синтетички материјал, ќе се чувствуваат непријатно.
Секогаш е најдобро да купувате блузи од природни материјали, како памук.
