„Се родив во култ – на 14 години ме натераа да се венчам со братучед, но избегав и помогнав да се фати лидерот“
„На 14-годишна возраст бев присилена да се венчам со мојот братучед. И покрај целото образование што ме подготвуваше за сопруга, ништо не ме подготви за малтретирањето што го трпев додека бев заробена во тој брак“, раскажува Елиса Вол која успеала да избега од култот во којшто се родила, но и да помогне во фаќањето на неговиот лидер.

Елиса Вол од САД била родена во култ чиј лидер – Ворен Џефс – денес е зад решетки.
39-годишната Елиса има огромна заслуга за апсењето и осудувањето на лидерот на култот, а својата потресна приказна ја има раскажано и во книга, со надеж дека ќе им биде од помош на луѓе кои биле во иста ситуација.
Елиса е родена во Јута, а нејзините родители биле активни членови во култот Fundamentalist Church of Jesus Christ of Latter-Day Saints.
Лидерот на црквата, поточно култот, верувал во полигамија, учење што го следеле сите членови.
Па, поради начинот на живот, самиот лидер имал неколку сопруги, додека Елиса имала 14 полубраќа и полусестри од нејзината мајка, и уште 10 од нејзиниот татко.
Како дете, Елиса била изолирана од надворешниот свет и го завршила образованието во училиште кое го поседувало самиот култ.
Ова значи дека сите деца во култот биле индоктринирани уште од најрана возраст.
„Мојот живот почна како дете во полигамно семејство кое беше дел од култот. Полигамијата беше во центарот на нивните верувања.
Пред многу години, луѓето од култот се оттргнале од општеството и со секоја нова генерација, станувале позатворени и повнесени во религиските инструкции на нивните лидери.
Моите сеќавања од детството се исполнети со семејни излети настрана од љубопитните очи на светот, со претстави за роднините и учење многу вештини што ќе ми требаат кога ќе станам сопруга и мајка.
Одев во приватното училиште на црквата каде ме учеа на апсолутна потчинетост и вера во нашата религија“.
Животот во таква заедница бил норма за Елиса бидејќи не ни знаела за нешто друго. Но, почнала да сфаќа дека нешто не е во ред.
Таткото на Елиса имал неколку „сопруги“ кои таа ги нарекувала мајки. Но, лидерот одлучил дека треба да ги раздели.
„Контролата на црквата над нашите животи беше почувствувана во моето семејство кога татко ми беше прогласен за ’невредна личност‘, па моите мајки беа натерани да се омажат со други мажи“, раскажува Елиса.
Вистинската тортура за Елиса почнала кога имала 14 години и кога лидерот ја натерал да се омажи за нејзин 19-годишен братучед.
Уште пострашно е што нејзините родители го поддржувале овој брак.
„На 14-годишнав возраст, бев присилена да се венчам со мој прв братучед. И покрај целото образование за мојата улога како сопруга, ништо не можеше да ме подготви за сексуалното, физичкото, менталното и емоционалното малтретирање што го искусив додека бев заробена во тој брак“.
