Станал крал на мал остров во Тихиот Океан: Шведски морепловец е инспирација за таткото на Пипи долгиот чорап
Швеѓанецот Карл Емил Петерсон завршил на мал остров во Тихиот Океан по бродолом. Овде се венчал со ќерката на кралот и подоцна го наследил тронот, а неговата луда приказна била инспирација за таткото на Пипи долгиот чорап во истоимената книга.

Ако сте ја читале „Пипи Долгиот Чорап“, сигурно се сеќавате на приказна за нејзиниот татко.
Пипи живееше сама бидејќи мајка ѝ починала, а за татко ѝ раскажуваше дека е морепловец кој исчезнал на море, но потоа станал крал на некој остров.
Иако приказната звучи лудо и никој не ѝ веруваше на Пипи, нејзиниот татко е инспириран од вистинска личност – морепловецот Карл Емил Петерсон од Шведска, кој навистина станал крал на мал остров во Тихиот Океан.
Детали за неговиот живот:
Малку е познато за детството на Карл Емил Петерсон, освен дека е роден во Стокхолм во 1875 година, во семејство со шест деца.
Бидејќи неговиот татко го напуштил семејството, на 17-годишна возраст Карл почнал да работи на брод.
До 1898 година, почнал да работи за германска трговска компанија која оперирала во јужниот дел на Тихиот Океан.
Токму на патување со оваа компанија, Карл завршил на островот на кој подоцна ќе стане крал.
На Божиќ, кога Карл имал 29 години, неговиот брод Herzog Johan Albrecht потонал во близина на островот Табар во Папуа Нова Гвинеја.
Карл преживеал и успеал да исплива до брегот на островот, каде што го пречекале домородци (за кои се зборувало дека се канибали).
Но, тие не го нападнале, туку го однеле кај нивниот крал – Лами.
Лами имал ќерка, Сингдо, која наводно веднаш се вљубила во него.
За да избегне смрт, шведскиот морепловец му ветил на кралот дека ќе го збогати островот, така што ќе направи плантажа за кокоси.
Кралот му рекол дека ќе му дозволи дури и да се венча со ќерка му, но само ако си го исполни ветувањето.
Планот со плантажата со кокоси се покажал како успешен, па во 1907 година, Ерик се венчал со Сингдо.
Во период од 14 години, Карл и сопругата добиле девет деца. Во меѓувреме, кралот Лами починал, а тронот го наследил токму шведскиот морепловец и станал крал на Табар.
Карл се покажал како добар крал – ги третирал домородците фер, ги почитувал нивните традиции, а успеал и да го прошири бизнисот со плантажите и го збогатил островот.
Додека бил на островот, Карл им пишувал на шведските медиуми, па станал и славна лична во родната земја.
„Постојано им пишуваше на весниците и секогаш сакаше да им раскажува на луѓето за неговите авантури на островот. Пишуваше за целото семејство и сè што правеле“, има изјавено правнука на Карл.
Морепловецот толку се прославил во Шведска, што некои медиуми почнале да објавуваат и преувеличени текстови за неговите авантури со ајкули, канибали, пирати и што уште не.
Токму на овој начин, писателката Астрид Линдгрен дознала за него, за подоцна да го искористи како инспирација за лик во својата популарна книга.
Но, среќата што го следела Карл морала и да заврши.
Во 1921 година неговата сопруга починала по породување. Бидејќи останал сам со девет деца, Карл решил да се врати во Европа и да си најде нова сопруга.
Во Шведска ја сретнал Џеси Луиза Симпсон, се венчале и во 1923 година се вратил со неа на островот.
Но, бизнисот со плантажите не одел најдобро во отсуство на Карл, па тој го изгубил речиси целото богатство.
Според некои извори, успеал да се врати на нозе бидејќи нашол скриено злато на остров во близина.
Сепак, несреќата продолжила да го следи – неговата сопруга се заразила од маларија, па отишла во Австралија на лекување. Оттаму се вратила во Шведска и починала во 1935 година.
Шведскиот морепловец го напуштил островот истата година, сакајќи да оди во Шведска.
Но, никогаш повеќе на ја видел родната земја бидејќи на 61-годишна возраст, починал од инфаркт на патот кон дома.
Спирова С. | Црнобело