Цела зима нема достава на намирници, алкохолот беше забранет поради насилство: Животот во најизолираниот град на Гренланд
Неодамна, жителите на гратчето Тасилак на Гренланд го испратија последниот товарен брод со намирници за оваа сезона. За следниот истовар ќе треба да чекаат до јуни 2026-та. Ако дотогаш сакаат да го напуштат градот, ќе мора да летаат со хеликоптер.

Тасилак е еден од најизолираните градови на Гренланд. Сместен на островот Амасалик, на источниот дел на Гренланд, до гратчето може да се стигне само со брод или хеликоптер.
Но, во зимските месеци, кога океанот е замрзнат, единствениот начин да се стигне до гратчето (или да се замине од него) е со хеликоптер.
Како изглед животот во уникатниот град?
Иако во Тасилак има нешто помалку од 2.000 жители, сепак важи за најголемиот град во источен Гренланд.
Основан е во 1894 година, а на почетокот локалците преживувале ловејќи дивеч. Сепак, со текот на времето и развојот на нови технологии, голем дел од жителите почнале да се занимаваат со риболов, а бил овозможен и увоз на намирници.
На околу 40 километри од гратчето има аеродром каде слетуваат мали авиони од главниот град на Гренланд и со Исланд.
По слетувањето на аеродромот, до гратчето се стигнува со хеликоптер. Во зима, можно е да се стигне и со моторни санки.
Ситуацијата е поедноставна во летните месеци, кога мразот е стопен и има пристап до гратчето и со брод.
Но, додека локалците и туристите можат да користат хеликоптер, а потоа и авион за да го напуштат Тасилак, поголем проблем е доставата на намирници.
Намирниците и продуктите што му се потребни на населението се доставуваат со брод, но само од јуни до ноември.
Неодамна локалците го испратија последниот брод со намирници за сезонава, традиционално со огномети.
По заминувањето на бродот, тие ќе немаат достава на нови намирници дури до јуни 2026 година.
Поради фактот што е толку изолиран, Тасилак е мошне добро опремен град, па на жителите не им недостасува ништо, дури ни во во зимските месеци.
Имаат супермаркет во склоп на кој има пошта и банка, а низ градот има и помали продавници и киосци.
Иако повеќето локалци преферираат да се движат пеш, во гратчето има и бензиска станица, а има и неколку такси возила кои главно ги користат туристи.
Нормално, има пожарна, болница и полициска станица, како и хелидром од каде може да се оди до најблискиот аеродром.
За жителите е достапна и јавна перална, како и јавни тушеви, а имаат и места забава и рекреација како фудбалски терен.
Жителите се снабдени со електрична енергија од мала хидроцентрала.
Има и водоводна мрежа, но некои домови не се поврзани, па мораат да полнат од други места.