Се венча со неговата 13-годишна братучетка и си ја уништи кариерата: Вознемирувачката приказна за музичарот Џери Ли Луис
Кога Елвис Присли служел воен рок, на музичката сцена се појавил Џери Ли Луис кој се очекувало дека ќе го наследи. Но, откако се венчал со својата 13-годишна братучетка и јавноста дознала за нејзината возраст, кариерата на Џери била осудена на пропаст.

Не нè изненадуваат врските со голема возрасна разлика во светот на славните. Но, во минатото Холивуд бил многу помрачно место и постоеле врски со огромна разлика каде едниот партнер, најчесто девојката, била и малолетна.
Еден од повознермиувачките случаи е бракот на американскиот пијанист и текстописец Џери Ли Луис со девојче кое имало само 13 години.
Во 1957-ма, тогаш 22-годишниот Џери Ли Луис се венчал со Мира Гејл Браун која имала само 13 години.
Ова бил веќе третиот брак за Џери, а како педофилијата да не е доволно вознемирувачка, девојчето му било и трета братучетка.
Мира Гејл Браун била ќерка на братучед на Џери, кој истовремено свирел во неговиот бенд.
За жал, овој период не било невидено малолетни девојчиња да имаат врски со мажи – Елвис и Присила Присли ја почнале врската во 1950-тите, кога таа имала само 14 години.
Уште потрагично е што девојчињата почнувале да веруваат дека ваквите врски се норма.
Па, и самата Мира била уверена дека нема ништо погрешно во бракот со возрасен маж.
Во интервју, таа има изјавено дека како генерација која преживеала војна, таа и нејзините врсници не знаеле колку живот им останува.
„Постојано мислиме дека секоја минута, кој било ден, животот може да ни заврши. Јас сакав да имам дете, дом, сопруг, кујна во која ќе можам да готвам.
Мајка ми го роди мојот помал брат бидејќи ги молев родителите за бебе уште кога имав десет години“.
По свадбата на Џери и Мира, Елвис Присли служел војска. Па се очекувало Џери да стане следната голема рок ѕвезда.
Сакајќи да се прослави и во Англија, планирал таму да оди на турнеја, а со себе да ја понесе и Мира.
Но, Британците не толерирале педофилија и менаџерите го предупредиле Џери дека ако ја однесе невестата, нема да помине добро.
