Вистински хорор-приказни од операции и процедури за убавина (направени во непроверени клиники)
„Целата ситуација беше како пекол. Се сеќавам дека се погледнав во огледалото и задникот ми изгледаше сплескано. Насекаде имаше крв, како да се случило убиство“, раскажува британска ријалити ѕвезда за нејзиното лошо искуство со бразилски лифтинг на задник. Шест месеци подоцна, завршила во операциона сала и ѝ бил отстранет скоро еден литар гној од раните.

Пластичните операции веќе стануваат норма, но бидејќи сепак станува збор за хируршка интервенција, од огромна важност е да се направат кај добар пластичен хирург.
Одењето во непроверени клиники може да резултира не само со лош изглед, туку и со сериозни последици по здравјето.
За жал, не сите кои прават процедури за разубавување го имаат ова предвид, дури и јавни личности, како инфлуенсери и ријалити ѕвезди, кои заработуваат доволно за да си дозволат поскапа клиника.
Некои одлучуваат да прават и мошне ризични операции, како таканаречениот бразилиски лифтинг на задник кој многу хирурзи не се ни нафаќаат да го прават.
Хорор-приказните со пластични операции на неколку јавни личности:
Софи Касаеи
Софи Касаеи е ријалити ѕвезда која одлучила да си направи бразилски лифтинг на задник.
„Тажно е кога ќе помислам што на 24 години имав многу несигурности кои ми беа наметнати од јавноста. Постојано ме критикуваа дека сум ’грда‘, ’дебела‘ – листата е бескрајна“.
Кога во Инстаграм порака добила бесплатна понуда за лифтинг на задник од клиника во Турција, веднаш прифатила.
Ја направила операцијата во 2016 година, а вели дека се покајала веднаш штом се разбудила од анестезијата.
„Целата ситуација можам да ја опишам како пекол. Се разбудив следниот ден и си помислив што ли направив.
Се сеќавам дека се погледнав во огледалото и задникот ми изгледаше сплескано. Беше рамен и имаше црна и сина боја.
Насекаде имаше крв, како да се случило убиство. Изгледаше како да некој да влегол во собата и да ме избодел. Не можев да одам“.
Ситуацијата на Софи само се влошила кога по шест месеци отишла на одмор во Мексико.
„Почнав да се чувствувам лошо. Чувствував силни болки во левата нога кои достигнуваа до грбот. Не можев да ја движам ногата. Кога седев болката само се влошуваше“.
Софи веднаш отишла во болница каде што ѝ кажале дека има гноен оток, по што со авион ја пренесле во родната Англија за да ѝ направат операција.
„Се сеќавам дека ми кажаа дека ќе треба да ми го оперираат задникот. Почнав да ги молам да не ми прават ништо бидејќи ќе ми остане лузна. Но, лекарите ми рекоа ако не ја направат операцијата, тогаш ќе умрам“.
Лекарите извадиле скоро цел литар гној, а во наредните шест месеци постојано морала да оди на контрола.
„Преку ден ден, во период од шест месеци, морав да одам на контрола.
Се сеќавам дека кога ми ги менуваа завоите, можев да си видам внатре во телото. Беше одвратно и беше многу болно“.
Марни Симпсон
Марни е ријалити ѕвезда од Англија која одлучила да направи операција на градите.
Во 2014-та, била незадоволна од изгледот на градите, па направила операција за подигнување, како и операција за промена на изгледот на брадавиците.
Но, операцијата ја оставила со огромни лузни.
„Имав многу големи лузни од кои течеше нешто зелено. Беа многу длабоки, изгледаше како да ме нападнало животно. Пред да станам позната, навистина се сакав себеси и бев самоуверена.
Но, кога станав јавна личност, поради притисокот да изгледам добро, се чувствував многу несигурно“.
По операцијата, Марни вели дека се срамела да се соблече пред нејзиниот тогашен партнер.
„Брадавиците ми беа со различна големина и имав огромни лузни под градите и околу брадавиците. Се чувствував уште полошо отколку пред операцијата“.
Следната година Марни направила корективна операција, а вели дека посакува да истражела повеќе пред да отиде под нож.
Ајлин Хорган Волас
Ајлин е инфлуенсерка и поранешна ријалити ѕвезда која отишла да си стави порцелански заби, но процедурата ѝ ја уништила насмевката.
Заболекарот премногу ги истругал нејзините природни заби и трајно ѝ ги оштетил. Ајлин вели дека процедурата траела шест часа, а на крај забите ѝ биле криви.
„Болката беше ужасна. Ме измачуваше. Кога се погледнав во огледало не можев да се препознаам“.
По ова, Ајлин неколкупати одела кај други заболекари со надеж дека ќе ги среди забите.
Во меѓувреме, развила и фобија од заболекари, а ѝ било страв и да се смее.
„Откако ми ги оштети забите, кога и да се појавев во јавност, не ја отворав устата кога се смеев“.
Неколку години подоцна, Ајлин сепак нашла добар заболекар кој конечно ѝ ја средил насмевката.
Спирова С. | Црнобело
