„Тед Банди проба да ме убие кога имав 14 години – мислев дека гледам во демон, а не човек“
„Ме грабна за коса и ми ја стави главата под вода. Мислам дека бев под вода цела минута. Кога ме извади, можев да го видам како се смее. Изгледаше страшно. Неговите очи беа најгрдото нешто што сум го видела“, раскажува жена која преживеала трауматична средба со Тед Банди, долго пред тој да стане еден од најпознатите сериски убијци.

Тед Банди, еден од најозлогласените сериски убијци, самиот признал дека убил 30 жени, но пости сомнеж дека бројот на жртви е многу поголем.
Тој бил активен од 1974-та, сè до неговото апсење во 1978 година. Сепак, голем дел од јавноста верува дека Тед убивал и претходно, само што никој не успеал да ги поврзе жртвите со него.
Впрочем, во нов поткаст, жена вели дека „за влакно“ избегнала смрт при нејзината средба со Тед уште во далечната 1967 година.
Кони Гелдрејх од Канада, која сега е во своите 70-ти, имала само 14 години кога го сретнала Тед.
Во август 1967-ма, Кони и мајка ѝ решиле да одат на езерото Џон Харт во Канада кое се наоѓало на десетина километри од нивниот дом.
Кога пристигнале, Кони споделува дека почнала да се расправа со мајка ѝ поради нејзините бикини.
„Мајка ми почна да ме навредува. Ми рече ’Што правиш? Пробуваш ли да заведуваш момчиња‘.
Потоа ми рече дека не сакала да ме гледа, па почнав да шетам околу езерото“, ја почнува Кони својата приказна.
По некое време, Кони нашла изолирано место покрај брегот, седнала таму и почнала да плаче поради караницата со мајка ѝ. Но, набрзо сфатила дека не е сама.
Вели, слушнала некакво шушкање во грмушките зад неа и здогледала маж. Ѝ рекол дека е чувар и ѝ се претставил како Тед Банди.
Тогаш уште никој не знаел кој е Тед Банди, па Кони не се посомневала во ништо.
Добро познат факт е дека Тед бил шармантна личност и можел да манипулира. Бидејќи Кони имала само 14 години, мошне лесно ја убедил да одат да пливаат.
„Конечно се согласив да влезам во водата, му реков дека ќе попливам малку ако потоа ме остави на мир, па планирав да се вратам кај мајка ми.
Влегов во водата и навистина не сакав да пливам. Но, тој почна да ме прска со вода, па почнав да пливам“.
Кони се упатила кон пловечка платформа во езерото, а вели дека Тед брзо ја претекнал.
„Се качи на скалата од платформата, се сврти и седна на неа. Ја пробав да се задржам на скалата, но тој ме клоцна во лицето. Не ми дозволи да се качам“
