Исчезнал во Бугарија, снимен е како бега од аеродром во Варна: Мистеријата зад „најпознатата исчезната личност на Јутјуб“
Во 2014 година, Германецот Ларс Митанк отишол на одмор во Варна, Бугарија. Но, кога требал да се врати дома, тој панично избегал од аеродромот, оставајќи го целиот багаж зад себе. Претходно ѝ се јавил на мајка си и ѝ рекол дека некој го следи за да го ограби и убие.

Исчезнувањето на Германецот Ларс Митанк се случило во толку чудни околности, што денес е нарекуван „најпознатата исчезната личност на Јутјуб“.
Тој исчезнал во 2014 година, во близина на аеродромот во Варна, Бугарија, а случајот привлече внимание бидејќи на безбедносните камери се снимени последните мигови кога е виден.
Видеото беше споделено на Јутјуб и за краток период стана вирално, со милиони прегледи.
И покрај популарноста на случајот, до денес никој нема поим што му се случило на Ларс и дали е воопшто жив.
Што знаеме за чудниот случај?
Ларс Митанк живеел во Берлин кога во 2014-та со група пријатели решиле да одат на одмор во Варна, Бугарија.
Тогаш 28-годишниот Ларс со пријателите отседнувал во ресортот Golden Sands.
Според неговите пријатели, Ларс бил најнормален дечко – го знаеле уште од детството и никогаш не се однесувал чудно, ниту имал некакви проблеми.
Една вечер додека биле излезени, Ларс почнал да се расправа за фудбал со четворица мажи.
Го напуштил барот порано, а според неговите пријатели, не се вратил во ресортот сè до утрото.
Пријателите на Ларс не дале потполно исти изјави, но ,генерално, скоро сите споделиле дека кога се вратил, им кажал дека го истепале.
Некои од пријателите изјавиле дека напаѓачите биле четворицата мажи од барот, а другите велеле дека најмиле локалци за да го нападнат.
Но, сите кажале дека тепачката се случила во McDonald’s и дека Ларс бил нападнат од неколку лица.
Сепак, истакнуваат дека биле изненадени бидејќи тој бил мирна личност и никогаш не се тепал.
Поради тепачката Ларс имал повреди на вилицата и ушното тапанче, а кога отишол на лекар му препишале антибиотици.
Лекарите исто така го советувале да поседи уште некој ден во Варна поради повредата на увото.
Ларс не сакал и неговите пријатели да остануваат уште неколку денови поради него, па го оставиле сам, а тој изнајмил соба во близина на хотелот.
И, овде почнува целата мистерија.