Руски хирург сам си го оперирал слепото црево, само со локална анестезија - најлудата експедиција на Антарктикот

Леонид Рогозов од Русија бил хирург кој самиот си направил операција на слепото црево додека бил на експедиција на Антарктикот во 1961-ва, бидејќи тој бил единствениот лекар на тимот. Користел само локална анестезија, која не делувала на органите под кожата.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-01.jpg

Рускиот хирург Леонид Рогозов е познат како мажот кој сам си направил операција на слепото црево, и тоа со локална анестезија која делувала само во областа на кожата.

Од септември 1960 до октомври 1962 година, Рогозов бил на експедиција на Антарктикот со група од 13 истражувачи. Во целиот тим, тој бил единствениот лекар.

Тие биле сместени во истражувачка станица, а најблиската станица до нив била на растојание од околу 1.600 километри.

Што значи, целиот тим бил оставен потполно сам на себе.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-04.jpgРогозов (десно) за време на експедицијата

Експедицијата минувала без никакви проблеми, сè до 29 април 1961 година, кога хирургот Рогозов добил треска, а подоцна почувствувал и силна болка во стомакот.

Тогаш 27-годишниот Рогозов пробал разни третмани за да ги третира симптомите, но безуспешно.

Следниот ден сфатил дека всушност има воспалено слепо црево, а до вечерта состојбата значително му се влошила.

Како што спомнавме, најблиската станица била оддалечена на повеќе од илјада километри, а тимот немал авион. Истовремено, наближувала и снежна бура, па било невозможно да се испрати авион од друго место.

Бидејќи во тимот немало друг лекар, единствената опцијата што му останала на Рогозов била самиот да си направи операција.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-06.jpgРогозов додека си го оперира слепото црево

Извадоците од неговиот дневник покажуваат низ каква голгота минувал:

„Не спиев воопшто минатата ноќ. Многу ме боли. Ова е тоа… Морам да размислувам за единствениот излез – да се оперирам самиот… Речиси е невозможно, но не можам само да ги скрстам рацете и да се откажам“.

Кога Рогозов ја соопштил својата одлука на другите во станицата, главниот командант морал да се консултира со властите во Москва, односно да добие одобрение за операцијата.

Кога добил благослов од Москва, Рогозов направил детален план за операцијата.

На дел од колегите им дал задачи – двајца биле задолжени да му ги подаваат инструментите и да му помагаат со светлото.

За подобра прегледност, едниот колега држел огледало. Односно, Рогозов гледал во рефлексијата на огледалото додека ја правел операцијата.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-02.jpgРогозов по операцијата

Во просторијата имало и уште еден колега, во случај некој од „асистентите“ да изгуби свест.

Очигледно, Рогозов не можел да користи анестезија и не се напил ништо за намалување болки за да биде потполно свесен.

Ставил само локална анестезија на стомакот, но оваа анестезија не делувала подлабоко од кожата. Што значи, штом ќе стигнел до дебелото црево, ќе го чувствувал секој засек.

„Моите сироти асистенти! Во последниот миг ги погледнав. Стоеја со нивните бели мантили, а самите беа побели од мантилите. И јас бев исплашен.

Но, кога ја зедов иглата и се инјектирав со анестезијата, некако автоматски почнав да оперирам. Оттаму, не забележав речиси ништо друго“, напишал Рогозов во дневникот.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-03.jpgРогозов кратко по завршувањето на експедицијата

Страшната операција траела два часа, а во својот дневник Рогозов открива дека речиси изгубил свест:

„Крвавењето е обилно, но не брзам. Станувам послаб, ми се врти. На секои четири до пет минути, одморам по 20-25 секунди. Конечно, ете го, проколнатото слепо црево. Со ужас забележав темна дамка на основата.

Ова значи дека само еден ден подоцна би пукнало… Срцето значително ми забави, дланките ми беа како гумени. Си помислив дека ова ќе заврши лошо, а ми остана само уште да го отстранам слепото црево“.

Рогозов успешно ја извршил операцијата, самиот ја зашил раната и откако асистентите ги исчистиле сите инструменти, конечно зел антибиотици и апчиња за спиење.

Само две недели подоцна, Рогозов им се вратил на вообичаените должности во станицата.

ruski-hirurg-sam-si-go-operiral-slepoto-crevo-samo-so-lokalna-anestezija-najludata-ekspedicija-na-antarktikot-05.jpgРогозов и неговиот син во 1969 година

Фотографијата од Рогозов кој самиот се оперира себеси станала хит во Советскиот Сојуз, па истата година тој добил и почесна награда од државата за неговата служба.

По завршувањето на експедицијата, Рогозов работел како лекар во неколку болници во Ленинград. Од 1986 до 2000 година бил главен хирург во болница во Санкт Петербург.

Починал во 2000 година, на 66-годишна возраст, од рак на белите дробови.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Милионери кои исчезнале под мистериозни околности (и не се најдени до денес) Во 2020-та, богаташката Мелиса од Австралија го напуштила нејзиниот дом во пет ч...
Најозлогласените и најмоќните наркобосови во светот (кои ги засенува една жена) Можеби мажите се оние кои доминираат во светот на криминалот, но ниту еден од ни...
Каква судбина имале децата на најголемите диктатори на светот и дали ги стигнала кармата на нивните ... Синот на Сталин се самоубил, синот на Чаушеску ширел блуд и разврат, а Мусолини ...
10 инспиративни жени кои родителите ги изгласаа како посакувани идоли на своите ќерки Ема Вотсон, Мишел Обама и Марија Кири се дел од инспиративните жени кои се доказ...
Крпење чорапи, штиркање - Работи кои сите домаќинки во Југославија ги правеле, а денес не ни паѓаат ... Вриеле облека на шпорет, штиркале, крпеле чорапи... Дали вашите мајки или баби п...
Пар наместо дете посвоил возрасна жена со џуџест раст, која сакала да ги убие - Бизарниот случај на ... Кога маж и жена ја посвоиле Наталија Грејс во 2010-та, тие мислеле дека таа е 6-...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg