Ѓоко од Охрид чува камелеон: „Не сака да се гали, јаде лебарки, вода пие од капките лисја во терариумот“
„Ранго го имам неколку месеци. Луѓето кои доаѓаат во моето тату студио секогаш се изненадени и фасцинирани од него и многумина сакаат да видат како ја менува бојата, како пие вода и како јаде“, вели Ѓоко од Огрид за својот егзотичен миленик.

Ѓоко Буловски (38) од Охрид, работи како тату артист.
А во своето студио чува егзотичен миленик, камелеонот Ранго, кого го има веќе неколку месеци.

За тоа како е да се чува камелеон за миленик, бара ли посебни услови, но имал ли и некоја непријатна случка во изминатиов период, откако го чува, Ѓоко раскажа за CRNOBELO.com:
„Отсекогаш сум сакал егзотични миленици, а камелеоните ми се интересни поради менувањето на нивните бои, нивните очи и нивното однесување.
Камелеонот го имам неколку месеци и се вика Ранго, по истоимениот филм.

Ранго го чувам во моето тату студио.
Тој е најактивен преку ден, сака да се движи низ гранките и листовите на својот терариум, а спие навечер обично на едно исто место.

Тука има голем терариум со гранки и растенија, ламба за топлина и УБВ светло.
Терариумот го чистам еднаш неделно, а со вода прскам внатре секојдневно, бидејќи Ранго пие капки од лисјата.

Луѓето кои доаѓаат кај мене секогаш се изненадени и фасцинирани, а многумина сакаат да видат како ја менува бојата, како пие вода и како јаде.

Јаде инсекти, најчесто лебарки и црви. А како што спомнав, вода не пие од сад, туку од капките на листовите.

Досега сум немал некој немил настан со него.
Но, еднаш одби да јаде неколку дена, што ме исплаши, но ветеринарот ми објасни дека тоа е нормално во некои периоди кај овие животни.

Камелеоните не уживаат во галење, туку повеќе сакат да бидат оставени на мира, па ни Ранго не сака да се гали, но бара редовна грижа.
Можам да кажам дека како миленик е навистина уникатен, смирувачки е за гледање и прави секојдневно да се чуствувам поврзан со природата“.

Ако и вие чувате егзотичен миленик и сакате да ја споделите вашата приказна со нашите читатели, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
