Работи кои мора да ги имате предвид пред да вдомите куче (за да не го напуштите по неколку месеци)
Неочекувана дијагноза со скап третман, гласно лаење, влакна низ домот – сето ова се работи на кои мора да бидете подготвени пред да вдомите куче, за да не дојдете во ситуација да му барате нов дом или, уште полошо, да го оставите на улица.

Ако сакате животни, сигурно барем еднаш во животот сте помислиле да вдомите куче.
Точно е дека кучињата се слатки, друштвени и забавни, но тие се и обврска за која мора да бидете подготвени.
Проблемот е што многу луѓе не се воопшто свесни за предизвиците што доаѓаат со кучињата, па по некое време одлучуваат да им најдат нов дом, дури и да ги остават на улица.
Бидејќи, за жал, ова е мошне честа појава, особено кај нас, треба да знаете за сите обврски и потенцијални проблеми со кои можете да се соочите ако вдомите куче.
На Редит, неколку сопственици на кучиња споделуваат кои работи мора да се земат предвид.
Дел од нивните изјави во продолжение:
„Чувањето куче бара дисциплина и несебичност од сопственикот, секој ден. И, некои кучиња бараат многу поголема грижа или тренинг отколку што луѓето мислат“.
„Влакна, влакна насекаде!“
„Некогаш нема да ви се излегува надвор за кучето да оди во тоалет, но немате избор. Пет наутро – мора да излезете. Минуси температури, болни сте или што било – многу ми е жал, мора да излезете“.
„Трошоци за ветеринари и неочекувани дијагнози. Моето прво куче со недели добиваше погрешна дијагноза. Кога конечно најдов добар ветеринар, веќе беше предоцна и кучето ми умре додека го носев на преглед.
Потоа вдомив друго куче кое беше здраво, но потоа го дијагностицираа со болест поради која бара посебен режим на исхрана. Никогаш не можете да знаете која дијагноза ќе ви го промени животот“.

„Да ги гледате како стареат е благослов и клетва. Моето куче има 18 години и има деменција и ми се крши срцето кога го гледам“.
„Тешко е да имате куче кое не сака други кучиња – не можете да излезете надвор без да се грижите дали ќе проба да нападне друго куче“.
„Неретко кучето ќе ве спречи во правењето спонтани планови. Сте сакале да останете некаде подолго? Не може, бидејќи кучето ве чека дома“.
„Подгответе се за инциденти низ домот – насекаде ќе имате влакна, може да ви се излигави на мебелот и да ги истура чиниите со вода и храна. Но, сето ова вреди за љубовта што ја добивам од, моето куче“.
„Првите месеци ќе мора постојано да внимавате на него бидејќи може да изеде нешто што не треба или да изврши нужда во домот. Малите кученца бараат особено многу грижа и внимание“.

„Кучињата се голема одговорност – во зависност од расата, може да им треба повеќе тренинг, простор или внимание. Исто така, грижата за нив може да биде и скапа“.
„Да чувате куче е како да имате мало бебе. Не може да ви каже ништо, но целосно зависи од вас – храна, вода, засолниште, тоалет, конекција… Бебињата ќе пораснат, но кучето е како бебе целиот живот“.
„Некогаш лаењето може да биде многу гласно и досадно“.

„Може да биде тешко да најдете личност на којашто ѝ верувате, а која ќе се грижи за вашето куче ако треба да одите некаде. Можете да најмите и ’дадилка‘ за кучиња, но ова може да ве чини многу“.
„Домот никогаш нема да ви биде чист како пред да вдомите куче“.
„Кучињата сакаат многу внимание. Сакате малку тишина? Ќе почне да лае гласно. Сакате да сте сами? Кучето ќе ви прави друштво. Сакате да јадете? Кучето ќе проба да ви го земе јадењето.
Треба да бидете многу трпеливи и да се надевате дека ќе можете да го истренирате вашето куче“.
Спирова С. | Црнобело
