Ветеринар од Битола, по немила случка со куче (2) од раса бишон, со апел: „Сувото грозје е токсично за кучињата“
„При јадење и на мала количина на суво грозје кучето треба веднаш да се однесе на лекар бидејќи од тоа зависи и самиот исход на болеста. Се работи за тежок облик на труење кое предизвикува акутно бубрежно откажување што многу често завршува со летален исход“, вели Владимир Стојаноски, ветеринар од Битола.

Владимир Стојаноски е ветеринар од Битола, кој апелира до сите сопственици на кучиња да внимаваат со сувото грозје.

Поради немила случка со 2-годишен бишон кој бил донесен кај него, тој сака сите да знаат за штетноста на сувото грозје за кучињата.
Дури и мала количина од него, д-р Владимир вели дека може да предизвика сериозно оштетување на бубрезите.

Ако куче изело суво грозје, се препорачува веднаш да се контактира ветеринар, дури и ако сè уште нема симптоми.
Неговата објава гласи:
„Труење со суво грозје (Intoxicatio vitis)
Сувото грозје е ТОКСИЧНО за кучињата и не смее да се дава ниту како оброк, ниту како награда.

Доволно е мала количина за да предизвика акутни симптоми на труење.
Се работи за тежок облик на труење кое предизвикува акутно бубрежно откажување што многу често завршува со летален исход.

Како симптоми може да се јават: дијареа, повраќање, летаргија, намалено мокрење.
При јадење и на мала количина на суво грозје кучето треба веднаш да се однесе на лекар бидејќи од тоа зависи и самиот исход на болеста.
Доколку не настанe трајна штета на бубрезите, simptomite со болничко лекување почнуваат да се намалуваат после 72 часа од терапија.

КОКО е 2 годишен бишон кој има изедено суво грозје пред еден ден и донесен веќе во задоцнет стадиум на клиника како ургентен пациент во животно загрижувачка состојба.
Се надеваме дека нема да заврши фатално иако состојбата на пациентот е многу ризична.

Затоа апелираме да не давате што bilo како храна или награда на милениците од нашата трпеза бидејќи некогаш (некоја состојка) може да доведe до фатален исход...“
С. С. | Црнобело