Емилија од Скопје: „Денес си го најдов кучето што ми го украдоа пред 2 години од двор, среде бел ден“
„Џипси се роди дома кај мене, пред мои очи... За на 6 месеци некој да ја земе и по 2 години да ја пушти на улица, трудна. Зошто сте толку сурови?“, вели Емилија Гогова и испраќа моќен апел.

Емилија Гогова од Скопје е самостоен активист кој спасува и вдомува улични животни повеќе од 15 години.
Но, едно од нејзините кучиња, за жал, пред две години било украдено од двор.
Нејзината емотивна објава гласи:
„Денес си го најдов кучето што ми го украдоа пред 2 години од двор, среде бел ден. Не ми се верува иако ја гледам, тука е до мене.
Бев убедена дека не е жива.
Џипси е бебе на Лиска, се роди дома кај мене, пред мои очи. Галени, пазени како кинески вазни за на 6 месеци некој да ја земе и по 2 години да ја пушти на улица, трудна. Имала и претходно бебиња. Значи 2 циклуса, 2 легла!
Се прашувам зошто сте толку сурови колку што сте?
Ме боли што ѝ украдовте 2 години од животот, којзнае каде и како живеела. Делува уморно и истрошено, а беше размазена и весела.

Наводно е најдена на улица Македонија и оставена во амбуланта во Карпош 4.
Ако некој нешто повеќе знае за кучево, ве молам да ми пише.
Лиска ни по 2.5 години не е вдомена, така што да - имаа среќа повторно да се видат, мислам дека Лиска си го препозна ‘бебето’ што си го родила.

Друго што е многу важно, чипирајте ги вашите миленици и ако ви е изгубено или украдено пријавете кај вашиот ветеринар, нека заведе во систем. При читање и проверка на чипот од кој било ветеринар, таа информација се појавува така што докторот е должен веднаш да ве исконтактира.
Тој повик ѝ го промени животот на Џипси, а мене конечно ме стави во мир и ме ослободи.
2 години само пасошот ѝ го префрлам од една фиока во друга, а од кучето ни траг, ни глас.
Добриот пастир и една овца да му е избегана, ќе ја бара и нема да се смири додека не ја најде. Сетете се на прикаската“.
Видеа од Џипси на Фејсбук профилот на Емилија ТУКА...
С. С. | Црнобело
