Зориа Петкоска за животот во Токио: „Град во кој отсекогаш сакав да живеам. Град во кој никогаш не е досадно“


Зориа Петкоска за животот во Токио: „Град во кој отсекогаш сакав да живеам. Град во кој никогаш не е досадно“

Поет, екстремен космополит, филолог и логофил, така себеси се опишува Зориа Петкоска Калајџиева, која во моментот живее и работи како новинар во Токио, Јапонија. 

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 10

Вели дека често избегнува да ја чита својата поезија во јавност, а за среќа нејзината визуелна поезија е жанр којшто мора да се гледа за да се искуси.

Зборува многу јазици, но сака да раскажува и преку фотографии. Тоа најдобро може да го доживеете на нејзиниот Инстаграм профил. Користи и дигитален апарат и аналоген (35 мм филм) и има учествувано во повеќе групни изложби во Токио.

Откако пред неколку години се запознавме на Саем на книга во Скопје, уште тогаш се сеќавам дека ми имаш кажано дека секојдневно твориш, па затоа овој разговор ќе го започнеме со тоа прашање.  На што работиш во моментот?

Работно пишувам патеписи и разни содржини поврзани со туризам и култура како дел од уредничкиот тим на највисокотиражниот бесплатен магазин во Токио, Wattention. Постојано пишувам поезија, а сега голем дел од темите доаѓаат од имигрантските искуства.

Моментално работам на една серија песни инспирани од над 50 јапонски зборови за дожд. Исто така, пишувам нешто што јас го викам „испокршен роман“, а всушност се испреплеткани раскази кои отсликуваат разни токиски приказни. Ќе ви откријам неколку делчиња на кои моите тест-читатели добро реагираа досега.

Замислете една јапонска пензионерка, здрава и активна, па дури и волонтира во локалната НВО. Таа баба има лична мисија секој ден да им прави пакост на странци, за да си заминат од Јапонија, а ликот е инспириран од реални настани.

Во друг дел на градот има еден лик кој си ја бара девојката која по сѐ изгледа е исчезната. Барајќи ја, сфаќа дека не знае ништо за неа, а ние го следиме низ најсомнителните полулегални барови низ Токио. Кога дознаваме дека девојката ја собрал од кафуле во кое келнерките се платени да се преправаат дека флертуваат со муштериите, почнуваме да се сомневаме во сѐ што ни кажува овој пристрасен наратор.

Мислам дека засега открив доволно, нели?

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 5

Зошто токму Јапонија? Како излезе Зориа да се пресели таму?

Приказната е долга, а мислам дека коренот ѝ е во мојата жед за нови јазици и култури. Откако дипломирав и магистрирав на УКИМ, некако не ми беше доста од учење, па страв не страв, се фатив во костец со јапонскиот јазик.

Мојата збирка поезија Зборигами беше инспирирана токму од Јапонија и јапонскиот јазик, а година по нејзиното објавување ја добив стипендијата на јапонската влада да истражувам јапонска визуелна поезија на еден од најпрестижните јапонски универзитети. Тоа потоа прерасна во опширни двегодишни студии во доменот на јапонскиот јазик, култура, филм, литература итн.

 zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 3

Секое заминување од родната земја е пропратено со товар, ветувања и различни очекувања. Уште на самиот почеток беше ли подготвена за нивниот начин на живот, нивните навики или се соочи со културен шок што од тебе создаде една нова личност?

Јас бев убедена дека сум подготвена, што беше доста точно, ама сепак имав неочекувани моменти на културни земјотреси. Бидејќи го имав посетено Токио претходно, добро сурфав низ површниот слој на културата, кога стигнав веќе зборував основен јапонски, а универзитетот ни ги среди сите административни главоболки. Е тука доаѓаме до првите перипетии кои се во подлабокитете слоеви на културата и не можат лесно да се искусат ако сте само посетител.

Прв шок ми беше академската средина. Од една страна, одлични услови и за образование и за разни активности на кампусот, ама од друга страна, многу од студентите тотално слободно и бесрамно си спијат на часови. И тоа е дозволено. Во оваа културна разлика има материјал за докторат, ама главниот изговор им е дека спиењето е последица од многу учење или работа, па тоа го оправдува.

Друг културен шок ми беше тоа што друштвата не се мешаат, секоја група е ексkлузивна и посебна затворена фиока од твојот живот. Секако дека со задоволство ја кршам таа норма, и на задоволство на скоро сите инволвирани. Има премногу културни разлики, кои мислам дека најдобро би се раскажале преку приказни. Се надевам ќе ги завршам и издадам наскоро.

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 14

Каков беше животот во Јапонија, знаејќи дека голем дел од времето го имаш посветено во истражување на нивната култура и литература?

Од една страна е неверојатно секој ден да живеам сцени кои претходно сум ги видела само во нивните филмови и аниме. Од друга страна, интересно беше да откривам и нови работи, и да увидам универзални човечки сличности.

Сликата никогаш не е црно-бела, туку е комплексна шара. А најдраго ми е што, како и во други големи метрополи, тука живеат луѓе од целиот свет кои гравитираат едни кон други, и дружењето со нив значи откривање на целиот свет одеднаш.

 zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 12

Како писател, веројатно границите на Јапонија станаа претесни за тебе, па реши да патуваш наоколу. Кои држави ги посети и какви искуства донесе со себе?

Јапонија е преголема, а за среќа постојано патувам и работно и откривам нови места за кои пишувам. И покрај тоа, многу често ме мачи една бесна љубопитност и желба да бидам каде што не сум.

Најпрво ја посетив Јужна Кореја, бидејќи еден период живеев во Сеул, па ме фати носталгија. Потоа, бев во Хонгконг, Макао, Пекинг и Шангај. Важно да се знае регионот, за да го разбереш местото во кое живееш. Низ патувањата ги увидов историските и културни сличности, но и разлики меѓу земјите во Далечниот Исток.

Во ера на сензационализам и „лажни вести“ впечатоците што ги формираме за други земји ми се чини се многу екстремни, или еднострани. Патувањата ми помагаат да искусам како навистина се живее во тие градови кои ги посетувам. Затоа, секогаш кога патувам се дружам со луѓе кои живеат таму и одам и во делови на градот кои не ги посетуваат туристи.

Се пикам по тесни улички, седам по паркови со пензионери, се обидувам да се објаснам со кинеските тетки со пантомима. Приказните ти се случуваат кога ќе скршнеш од планот. Некогаш учествувам и на настани како поетски читања, meet-ups, и слично. Неодамна почнав да ја истражувам и Југоисточна Азија дел по дел, овојпат Малезија и Сингапур, а во план ми е да одам во Камбоџа, Виетнам и Тајланд.

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 13

На што најмногу си благодарна од животот во странство?

Најмногу сум благодарна на можноста да се дружам со луѓе од целиот свет, бидејќи така си потврдуваме дека имаме исто толку сличности колку и разлики. Исто така, научив дека за жал и проблемите што ги имаме ни се заеднички, меѓународни, универзални, а таа споделена неправда некако станува полесна. 

Многу важна лекција ми беше искуството на различност, кое потоа создава емпатија и повторно ти ја открива вредноста на заедништвото. 

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 9

Сега малку да се вратиме на домашен терен. Гледано од оваа перспектива, после неколкугодишно патување и спознавање на „другиот“, кои нешта би сакала да се дел од македонското општество?

Токио е пример во светот за чист и безбеден град и покрај милионите жители во него. Би сакала да ја имаме посветеноста на секој детаљ и одлична естетика на сѐ околу нас – од обична амбалажа, па сѐ до специјално дизајнираните шахти. 

Како и секоја земја, ни Јапонија не е совршена. Ние можеме да учиме од нив, но и тие постојано (но бавно) се обидуваат да воведат повеќе од нашите европски вредности. Почнувајќи од немањето доволно јавен слободен и отворен простор (плоштади, фонтани, кејови), па сѐ до борбата со ноторната екплоатација, непочитување на работничките права, мобинг и самоубиства.

Доаѓаат нови генерации кои се борат за подобри работни услови и поквалитетен приватен живот. Во мојот „испокршен роман“ има една приказна која се вика „Требење коски од пепелта“ во која го разработувам баш овој проблем со мобингот на работа.

На кратко кажано, Токио е 24-часовен кул перформанс од испреплетено минато и сегашност. Се одвива меѓу метаболистички бетонски блокови и модерни облакодери меѓу кои се кријат будистички и шинто храмови.

Скоро сите во овој метрополитански перформанс се дотерани, некои експериментално откачени, некои на Супер Марио колички, некои во кимоно. И сите заедно го прават градот она што е – и утописки, и дистописки. Бескраен. Градот во кој отсекогаш сакав да живеам. Градот во кој никогаш не е досадно.

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

zivotot na zoria petkoska vo japonija nejzinite patuvanja na dalecniot istok i pisuvanjeto na tokiski prikazni 7

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Живко Грозданоски: „Стравот е гладна ѕверка која се храни само со наши... Се трудам помеѓу мене и мојот страв да подигнам едно непробојно стакло од смирен...
Патувањето на Around Gaia продолжува: „Комбето е сега наш дом и ќе пос... Да се патува четири години со мотор, да се живее од ден за ден, да се посетат 70...
Давор Стојановски: „Сегашноста наликува на веќе започната партија шах“ Доаѓањето во Скопје за мене има друго значење, затоа што е еден од моите два дом...

Најчитани неделава