Кристина Митреска: „На Алјаска санкав со хаски и ја пиев најубавата вода од чешма“


Кристина Митреска: „На Алјаска санкав со хаски и ја пиев најубавата вода од чешма“

„Алјаска е руска Америка, која ќе ве изненади со високиот стандард. Луѓето се релаксирани и имаат одлични плати. Нивните ноќни клубови се во дрвени идилични куќички и нема предотерани девојки и момци како на Балканов“, раскажува скопјанката Кристина Митреска.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-01.jpg

Кристина Митреска има 30 години, живее во Скопје и по професија е доктор, специјалист радиолог. Таа обожава да патува и секоја можна пригода ја користи за тоа. За среќа, професијата ѝ го дозволува тоа преку посети на бројни конгреси и стручни усовршувања во странство.

Досега била речиси во сите големи градови низ Европа, а како дел од омилените дестинации ги истакнува: Лондон, Лисабон, Сардинија, Азурен брег, Санкт Петерсбург, како и светските метрополи Мајами, Чикаго, Лос Анџелес, Лас Вегас, Хонолулу на Хаваи, Хонгконг, Токио, Кјото, Алјаска итн.

Се разбира, на листата како најживописна ја прогласува Алјаска. Токму затоа и проговоривме со неа за ова патувањето.

Како токму Алјаска? Како изгледаше патувањето дотаму?

Во Алјаска бев во декември 2015 година заедно со мајка ми и тој дел од патувањето беше приватно. Со неколку колешки од овде отидовме професионално на конгрес во Чикаго, а по завршувањето се поделивме, едни отидоа за Вашингтон и Њујорк на разгледување, а ние две од поодамна сакавме да ја посетиме Алјаска.

Сметавме дека кога сме веќе во тој дел од Америка најлесно ни е сега да ја видиме, додека источниот брег можеме кога сакаме да го посетиме од Европа. Тој е полесно достапен и за авионски карти и преку туристички агенции.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-02.JPG

Во Алјаска бевме сместени во најголемиот и најразвиен град Енкориџ (со околу 292.000 жители, додека главниот град Џуно има само околу 30.000 жители) , а отидовме и до Талкеетна, мало селце северно, оддалечено два часа од Енкориџ.

Во ова село се наоѓа тренинг центарот за трки и санкање со хаски (dog sledding), која е една од главните атракции на Алјаска.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-09.JPG

Во кој дел од годината престојуваше таму? Дали те дочека температурен шок по слетувањето?

Бев во првата недела на декември, добро зимски опремена, а денот траеше околу 5, 5 ипол часа. Таа година се погоди „потопло“ на Алјаска со температура до -14 во текот на денот и ноќна до -24, но тоа важи за Енкориџ, кој се наоѓа најјужно и сместен е во област на топлата Голфска струја на Алјаска.

Со оглед на фактот дека доаѓавме од ветровитиот и исто така студен Чикаго, не почувствувавме некој голем температурен шок, но можеби затоа што и психички добро се подготвивме и бевме поларно облечени, што не беше случај за движењето низ Чикаго.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-03.JPG

Раскажи ни нешто за начинот на живот на локалното население... Каква облека носат, работните навики, начинот на забава?

Алјаска е земја којашто мора да се доживее, а може само мал дел да се пренесе од она како таму навистина се живее.

Населението е навистина среќно и исполнето. Владее неверојатна хармонија меѓу луѓето, кои постојано се насмеани, со посебен интерес да ја пренесат и доловат Алјаска на локалните туристи.

Во главно, во Енкориџ луѓето се „нормално облечени“ бидејќи се навикнати на ниските температури, ние им изгледавме смешно со толку облека на себе, бидејќи таму имаше и такви кои носеа маици на кратки ракави во комбинација со чизми.

Постојано ни дофрлуваа низ насмевка да не доаѓаме случајно од Јужна Африка со толку облека на себе, дека и не е така ладно -12 за Алјаска, што и до некаде беа во право, зошто и ние во Скопје знаеме такви поларни зими да имаме.

Во однос на работните навики, скоро и да нема невработеност таму, напротив за стимулација платите се скоро 1:3 повисоки од просечните во Америка, работно време им е 8 часа дневно, нема некои посебни отстапувања од нормалните работни навики, со тоа што таму никој никаде не брза.

Ноќните клубови и кафулиња се неверојатно уникатни, во дрвени идилични куќички. Таму сигурно нема да сретнете предотерани девојки и момци како низ Балканов, ниту пак некои елитни ВИП клубови. Таму сите во клубовите изгледаат нормално, како да се собрале низ маало или некое локално кафуле и што е најинтересно сите навистина уживаат и се забавуваат, не гледајќи кој како е облечен.

Впрочем, навечер на -22 степени и не е така добра идеја да облечете чизми на висока тенка потпетица или не дај боже салонки. Временските услови ја диктираат модата.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-06.JPG

Какви беа цените?

Нешто што најмногу ме шокираше беа цените. Не очекувавме таков стандард. Државата Алјаска со цел да привлече што поголем број на население да се досели таму, ги крева платите и со тоа луѓето може да си дозволат завиден начин на живот.

Населението е задоволно во поглед на нивните плати и начинот на живот, како и од посетата на туристи, посебно во летниот период.  Летниот период за посета на Алјаска е скоро двојно поскап од зимскиот.

Капацитетот на градот Енкориџ не е многу голем, а побарувачката на туристите е многу голема, што е предуслов за високите цени и стандард. Едно ноќевање во пристоен хотел од вечер чини 100 долари, додека на лето истиот тој е скоро 230 долари.

Цената за посета на туристичките атракции е неверојатно висока. Санкањето со хаски е престижно и е едно од поскапите атракции, а тоа задоволство чини околу 220 долари за половина час.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-12.JPG

Колку успеваше да уживаш во прошетките со оглед на ниските температури?

Шетајќи го градот Енкориџ не почувствував толкав студ, но правевме се разбира паузи во локалните кафулиња, како и за време на ручек колку да се стоплиме по малку, но оној студ што го доживеав во Талкеетна на санкањето нема да го заборавам.

Прилично сум многу зимурлива и постојано имам проблем со ладни раце и нозе и буквално по санкањето на дневна температура од -18  јас доживеав тешки болки во прстите и црвенило, што почнав буквално да не ги чувствувам.

Веднаш по завршувањето водичот ме упати во локалните куќички за одмор да се стоплам и ми донесоа специјална греалка за да се намали црвенилото и болката во прстите на рацете. Ми рекоа дека мора да поседам минимум еден час на топло, а потоа ми дадоа специјални огромни ракавици од бизон за да ме штитат од студот.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-08.JPG

Какво беше чувството кога се возеше на санка среде тоа снежно белило?

Како што веќе споменав, покрај студот кој се појави во последните 10-тина минути, сè друго беше неверојатно. Дваесетина минути се возевме низ тој предел, а посебно низ замрзнатото езеро во Алјаска и постојано имав чувство што ако напукне езерото, па и не е така ладно, милион мисли ми прелетуваа за секунда, но човек се препушта и ужива во тие дадени моменти.

Хаските се од врвно потекло и специјално обучени за таа намена и тие навистина уживаат во тоа.

Секоја група туристи кога доаѓа за санкање, хаските чувствуваат и лаат која попрво од нив да биде одбрана од страна на чуварите инструктори за да ги влече санките и да се истрча низ таа дивина.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-07.JPG

Како функционира сообраќајот со оглед на големите снежни наноси? На кој начин се затоплуваат локалите и домовите?

Сообраќајот функционира најнормално, со оглед дека сепак тоа е Америка и ништо на случајноста не може да биде оставено.

Впрочем, не се ни чувствува сообраќајот зошто луѓето низ центарот се движат пешки, таму ја нема таа гужва од Њујорк на пример, зошто сепак станува збор за помал град.

Локалите се беспрекорно стоплени, исто како и хотелските соби, да не речам дури и претопли, а греењето е на парно и дрва во зависност од местото.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-04.JPG

Најинтересна случка таму...

Сè во Алјаска е интересно и необично, малите нешта, разговорите со домородните Американци се посебно доживување.

На Алјаска, а и општо во Америка не е дозволиво да го употребувате терминот Индијанец. Мене лично тоа ми беше најинтересно зошто се чувствував како во некој вестерн филм, како во некое друго време.

Лично жалам што не направив слика со некои од нив, зошто претходно во хотелот ми напоменаа дека некои од нив може да се налутат и навредат ако сакате да се сликате, сметајќи како да се многу различни од нас штом сакате да направите фотографија, па не сакав да се доведувам во непријатна ситуација.

Го посетивме и Националниот музеј на домородните Американци, каде има изложено многу предмети кои ја доловуваат нивната уникатна култура и наследство. Од традиционални носии до тоа како се направени првите игла и начинот на живот на Ескимите, сè беше прикажано.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-11.JPG

Најнепријатна случка таму...

Додека се возевме низ Алјаска видов голем број разрушени и напуштени куќи од најсилниот земјотрес што Алјаска го доживеала досега.

Се случил во 1964 година и е втор по јачина во светот со 9,2 степени по Рихтеровата скала. Тој оставил сериозни последици на Алјаска, а глетката на мене ми пробуди силни емоции.

Дали би можела да се замислиш да живееш таму?

Јас во принцип не можам никаде на страна да се замислам да живеам, бидејќи сум премногу носталгична за нашата татковина. Но, во разговор со населението таму, добив впечаток дека сите сакаат таму да останат да живеат.

Нешто што не знаев и бев изненадена е дека има голем број на македонски фамилии кои живеат таму.

На пример бизнисот со такси компаниите го држат македонски Албанци од Кичево и разменивме по некој збор на македонски. Токму земајќи нè од аеродром таксистот кога нè праша од каде сме, ни потврди дека и тој е од Македонија, поточно од од Кичево.

Потоа во туристичкиот центар, дечкото кој ни го организираше транспортот, исто така беше по потекло од Охрид, но роден на Алјаска. Тие информации токму таму ги дознав, за нив немав претходно сознание.

kristina-mitreska-na-aljaska-sankav-so-haski-i-ja-piev-najubavata-voda-od-cheshma-05.JPG

Што би му препорачала на секој што некогаш во животот планира да ја посети Алјаска?

Алјаска е руска Америка, земја која доколку некој има можност задолжително треба да ја посети, посебно во лето. Човек треба добро да се организира, финансиски да се подготви, зошто тоа задоволство чини, но вреди бидејќи нема никогаш да биде избришано од меморија.

Да се посети Денали паркот, кој само во лето е отворен, санкање со хаските како една од најглавните атракции, да се напие човек Кока Кола, иако јас не пијам, која е најуникатна таму поради водата и да пие многу вода и тоа со мраз.

Најубавата вода „од чешма“ која некогаш сум ја пиела е токму на Алјаска, чиста, без вкус, со кристално проѕирен мраз и тоа многу мраз од кој никогаш никој дури ни среде зима не се разболел.

Фотки од нејзиното патување:

 Фото: Приватна архива Кристина Митреска

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Виктор Мазнев, велешанецот со срце планина: „Имам спасено стотици безд... „Срцето на човекот можеме да го процениме според тоа како ги третира животните“,...
Приказната на струмичанецот Блаже Аризанов: „Индија не ме промени, тук... Блаже Аризанов е Македонец од струмичко село, кој во 2011 година заминал на...
Зориа Петкоска за животот во Токио: „Град во кој отсекогаш сакав да жи... Поет, екстремен космополит, филолог и логофил, така себеси се опишува Зориа Петк...