Те прогласувам за виновна...

Штотуку излегов од бањата, косата сè уште ми е водена, ни телото не ми е суво, пробав да ги скријам солзите губејќи се во долгочасовно туширање, размислував за сѐ околу мене, некако како никогаш да не можев да престанам да размислувам...

bidi-moj-vinovnik-01

Постојано имав некои калкулации во главата, не можев да се опуштам, како светот да беше премногу. Седев на фотелјата, гол, со целиот срам, со секој грев на моето тело.

Сакав да ти се јавам, бев слаб, сакав да разговарам со некого, но имав нешто што ми ги запираше чувствата, не сакав да бидам слаб, не смеев, барем не пред другите. Бев научен солзите сами да се исушат, бев научен да ја загушам тагата додека не скапе во моето тело. Не знам зошто беше така, но така научив да постојам, живеејќи во ова сурово општество.

Наместо да те слушнам решив да напишам нешто кое ќе ти го дадам при нашата прва средба, нешто што ми тече низ вените и ми го забрзува дишењето, чувства кои прават влакната на моето тело да се исправат и да го напуштат истото за момент, толку искрени чувства.

Пред да дојдеш во мојот свет јас не знаев за исполнетост, пред да се појавиш не знаев за живот, пред да постоиш не знаев дека приказната може да има среќен крај. Можеби сега сум слаб, но верувај заради тебе научив да бидам силен секој ден, да бидам насилен и брутален кон секој кој ќе се обиде да го повреди она што го имаме ние.

Ти ја имаш таа моќ да ја испиеш тагата додека лежам така скршен и гол, ти знаеш да го преземеш воланот кога јас ќе ја изгубам контролата, ти си мојот виновник. Обожавам да си мојот виновник за сѐ.

Виновна си за мојата насмевка и мојата среќа.

Виновна си за крадење на моето срце и заробување на сите мои мисли.

Виновна си за тоа што јас го најдов гласот во мојата глава.

Виновна си за секое утро исполнето со живот.

Виновна си за секоја топла ноќ во твојата прегратка.

Виновна си што веќе не се чувствувам прогонет.

Виновна си за моето исцелување.

Ми требаш крај мене, за повторно да те обвинам, бидејќи очигледно ти не знаеш да го почитуваш кодексот на светот штом имаш толку обвинувања од моја страна. Ми требаш кога ќе се изгубам во светот. Сега ми треба твојата прегратка и убедувањето кое знае да ми го промени животот, се сеќаваш нели?

“Светот има две бесконечности, ниту еднен настан не е случаен, ниту еден настан не се случува само еднаш, за еден има минус еден, така и за бесконечноста има минус бесконечност. Зошто лоши мисли, зошто тагување?

Она што поминало а не се искористило, ќе дојде барем уште еднаш според теоријата на бесконечностите. Тогаш ќе бидеш посилен, тогаш поучен од претходниот пат ќе успееш и ќе сфатиш дека залудно си го потрошил времето тагувајќи”, ми рече еднаш, ако паметиш.

“Тоа навистина ли доаѓа од срцето?”, те запрашав со сомнеж.

“Уште подобро, тоа доаѓа од мојата глава”. Одговори ти со твојата таинствена женска насмевка.

Гледаш, повторно си виновна, се потсетив на твоите зборови и веднаш изнуди насмевка на моето скислено лице, виновна си за промената на моето расположение. Но, знаеш што, не сакам никогаш да престанеш да бидеш виновна за работите кои ме прават среќен. Сакам да бидеш мој дежурен виновник за навек.

Сега се смеам сам, воден и гол, како потсетувањето на тебе да беше мојата света вода со која го изгонив ѓаволот и сите грижи престанаа. Не сакам никогаш да заврши, колку е убаво кога ќе го пронајдеш својот виновник си помислив и запалив цигара. Сакав да ја осветам просторијата со чадот на тоа сознание.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Сингл девојко, добар маж доаѓа - и кога ќе те најде, ќе му заблагодари на Бог што си чекала Ти си токму таа жена за која добар маж се моли. Tаков маж постои. Тој се моли за...
„Таа имаше 3 пропаднати брака - со бизнисменот ѝ здодеа, со психијатарот не најде мир, но како најде... „Третиот брак ѝ беше со психијатар. Залудно сè, ако нема мир. Зошто да го плаќа ...
„Не пробувајте да бидете порно ѕвезда“ – Интимни совети кои можеби ќе сакате да сте ги слушнеле пора... „Сексуалната некомпатибилност е вистинска – љубовен јазик, движења, нивоа на агр...
„Мислев дека отворениот брак е супер идеја, но сопругот се вљуби во неговата љубовница“ „Мислев дека луѓето можат да бидат вљубени во една личност, а да спијат со друга...
Ноќта што промени сè: „Маж ми и јас се скаравме. Тргнав на породување, му ѕвонев 30 пати, не креваше... Беше тивка вечер, речиси обична. Ништо не навестуваше дека токму таа ноќ засеког...
Наш психолог за разводите во Македонија: „Мажите копнеат по ‘изумрен тип’ на жени, жените први бара... „ПАТРИЈАРХАЛНАТА жена која живее во функција на потребите на мажот е речиси мртв...

Најчитани неделава