Ива Ситновска од Кочани: „Сакам храбри комбинации, не е важно дали носиш бренд или едноставна облека - до самодовербата е“
„Модата ја носам во себе уште од мала, затоа што потекнува од моето семејство и отсекогаш била дел од мојот живот и моето растење“, вели Ива Ситновска, девојка од Кочани, која ја има и по билборди низ светот.

Ива Ситновска е девојка од Кочани, која уште од мала живее со модата, уметноста и креативноста.
Токму затоа долго време мечтаела да има матурски фустан од соништата.
Ива вели дека модата е во нејзиното семејство уште од времето на нејзиниот прадедо, кој бил кројач.
Ива за CRNOBELO.com вели:
„Модата за мене никогаш не била само облека — таа е начин на кој ја покажувам својата личност, емоција и енергија. Сакам да експериментирам, сакам храбри комбинации и моменти кога со еден изглед можеш да кажеш повеќе отколку со илјада зборови.

Многумина ме препознаваат по фотографиите на социјалните мрежи, па дури и по билбордите надвор од државата, но зад секоја фотографија стојат многу труд, љубов и искрена желба да оставиш нешто свое и незаборавно.

Модата ја носам во себе уште од мала, затоа што потекнува од моето семејство и отсекогаш била дел од мојот живот и моето растење.
Освен што внимателно го градам својот стил, често и сама креирам и цртам модни парчиња инспирирани од мојата фантазија, чувствата и светските трендови.

Голема инспирација добивам и од патувањата и шопингот надвор од државата, каде секогаш барам нешто поразлично, уникатно и впечатливо што ќе го вклопам во мојот стил.

Никогаш не сум сакала да бидам копија на никого. Верувам дека вистински стил имаат луѓето што се доволно храбри да бидат свои. Мојот стил понекогаш е елегантен, понекогаш дрзок, понекогаш неочекуван, но секогаш искрен и мој.
