Носете фармерки за трудници и уште 6 модни совети за да имате удобна бременост
Вложете во долна облека за трудници, дајте им предност на патиките и купувајте само облека од природни материјали.
Кога станува збор за облека за трудници, постојат неколку работи кои треба да ги земете предвид.
Во овие месеци вашата удобност е најважното нешто – бременоста и онака предизвикува бројни непријатни симптоми, па не треба да страдате и од вашата облека.
Но, ова не значи дека не можете да изгледате одлично и стилски, само, на прво место треба да ја ставите удобноста.
Неколку модни совети што ќе ви помогнат да изгледате одлично, но и да се чувствувате удобно во текот на бременоста:
Купувајте облека од природни материјали
Многуте промени низ кои минува вашето тело за време на бременост можат да ја направат вашата кожа почувствителна.
За да ги избегнете иритациите, најбезбедно е во текот на бременоста да носите облека од природни материјали, како памук.
Оваа облека е и многу поудобна – нешто што и е од огромна важност на секоја трудница.
Вложете во долна облека за трудници
Во бременоста градите се зголемуваат, па вложете во квалитетни градници кои ќе ви ја дадат потребната поддршка.
Кога станува збор за долна облека, и во овој случај дајте им предност на природните материјали кои ќе ѝ дозволат на кожата „да дише“.
Немојте да купувате многу тесни гаќи и градници и фокусирајте се на долна облека што ви е удобна за носење.
Ако носите фармерки, купете специјален модел за трудници
Бидејќи лесно се комбинираат со сè, фармерките можат да ви станат омиленото парче облека во текот на бременоста.
Само, добро би било да најдете модели направени за трудници кои се еластични и кои ќе ви ја дадат потребната поддршка на стомакот.
Носете соодветни чевли
Најдобро избегнувајте ги чевлите со високи потпетици во текот на бременоста. Поради отечените нозе, но и тежината од бебето, на нозете ќе создадете огромен притисок ако носите штикли или многу тесни чевли.
Најдобро е да вложите во пар квалитетни патики, а во летниот период одлични се сандалите и балетанките.
Во зима облекувајте се слоевито
Бременоста може да направи да ви стане многу жешко, дури и среде зима, или одеднаш да ви стане многу ладно. Затоа, во зимските месеци најпаметно е да се облекувате слоевито.
На пример, искомбинирајте блуза со долги ракави и џемпер со копчиња, палто и шал.
Купувајте поширока облека
За да не купувате нови парчиња со секој изминат месец, набавете поширока облека. Овие парчиња ќе ви стојат добро во првите месеци од бременоста, а ќе можете да ги носите и до породување бидејќи ќе има простор за вашето стомаче.
Купете си појас за трудници
Овие појаси нудат одлична поддршка, а можат да ги ублажат и болките во грбот. Ако ги носите со поширока облека, нема ни да се забележуваат под неа, а вие сигурно ќе се чувствувате поудобно.
Според некои експерти добро е да го носите појасот и по породување (освен ако имате рана од царски рез) додека телото да ви се врати во нормала.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





