Патував 20 часа од Скопје до Милано со автобус, ги посетив и Комо и Верона - Зошто би одела пак на организирана тура?
Иако цел живот сонував да го посетам Милано, градот не ме воодушеви нешто посебно. Но затоа Верона ми беше вистинско изненадување со шармантните улички, шарените куќи, широките плоштади и најпрекрасната пица Маргарита. Зошто би тргнала пак на патување во Италија со автобус?
Од дете мојот најомилен град на светот бил Милано. Што е смешно, бидејќи првпат го посетив неодамна, и тоа на мои 46 години.
Мојата љубов кон градот нема врска со модата, напротив, повеќе е поврзана со фудбалот, бидејќи уште од 1990 навивам за AC Milan, а Паоло Малдини и денес ми е омилен фудбалер (иако е одамна пензиониран).
Дури имав и обид да го посетам пред 14 години со друштво, купивме авио билети, но поради промена во распоредот на летови, мораше да го откажеме патувањето.
Токму затоа, кога сестра ми предложи да одиме женско друштво (таа, јас и ќерка ѝ) на организирана тура во Италија + Швајцарија, која би вклучила посета на Милано, Верона, Комо и Лугано, си реков - а зошто да не?!
Колку може да е страшно да се патува со автобус околу 20 часа од Скопје до Милано (и уште толку назад)?
Да бидам искрена, очекував да биде помачно и понапорно, но ми се чини дека патот не го ни осетив.
Целата тура траеше околу 5 дена - тргнавме во четврток на пладне од Скопје, а се вративме следниот понеделник попладне.
Се патуваше преку Белград, Љубљана, Трст до Милано со многу многу попатни станици.
Дури и ми се чини дека пречесто застанувавме, на секои 2 до 3 часа, но водичот на групата упорно повторуваше дека има луѓе кои не можат да издржат долго без цигара или такви на кои ќе им се приоди во тоалет, па зошто да не им се даде на сите можност да испружат нозе, да каснат нешто, да испијат кафе и патувањето да продолжи без нервози.
Во Милано стигнавме во петокот попладне, и веднаш имавме разглед на градот, а дури потоа се сместивме во хотелот, кој беше на некои 5-6km од центарот.
Прва станица ни беше замокот Сфорца, а потоа тргнавме кон миланското Дуомо.
За сето тоа време слушавме податоци за историјата на градот, луѓето кои живееле тука и оставиле свој печат.
За Инстаграм „да не трпи“, водичот нè одведе и до една од терасите покрај Дуомото за да направиме добри фотки, бидејќи во кафулињата од околу најчесто мора да се резервира однапред (и да се остави број на картичка во случај да не се појавите на резервацијата да ви наплатат отштета), па бидејќи не знаевме кога би стигнале - никој немаше резервација.
Дуомото ме остави без здив. Подзинав во вистинска смисла на зборот, „ми падна вилица“ пред убавината на величествената градба и не можев да го тргнам погледот.
А бидејќи по заедничката тура имавме 2 слободни часа до поаѓање кон хотелот, решивме да не ги трошиме на Аперол-пауза или за да јадеме, туку да видиме колку што е можно повеќе од градот.
Посетивме неколку мали катедрали во близина на центарот, урнатини од времето на римската империја, а не пропуштивме ни да пробаме џелато - сестра ми и внуката му од ф’стак, а јас нешто понеобично - маракуја со мента.
И ми се чини дека одамна немам пробано нешто толку вкусно.
Иако по сместувањето во хотел сакавме да се вратиме во градот, уморот си го направи своето, па ми се чини дека не само ние, туку дека никој од групата не излезе да се прошета.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





