На одмор со Николче: „Бевме во камп во Шпанија - беше поевтино од хотел, на плажите нема лежалки, а ја посетивме и Барселона“
„Овој летен одмор решивме да го поминеме малку поинаку – далеку од класичните хотели и преполни туристички центри. Изборот падна на Шпанија, поточно на малото, но прекрасно место Blanes, каде што бевме сместени во камп кој беше оаза на мир, природа и вистинска медитеранска атмосфера“, вели Николче Талевски од Демир Хисар, кој со години живее во Германија.

Николче Талевски од Демир Хисар со својата сопруга Украинка и синот живее во Германија, а како дестинација за летен одмор годинава избрале еден шпански камп, кој се наоѓа на брегот Коста Брава.
За искуството од ова кампување тој проговори за CRNOBELO.com.
Николче за кампувањето во Шпанија вели:
„Овој летен одмор решивме да го поминеме малку поинаку – далеку од класичните хотели и преполни туристички центри.
Изборот падна на Шпанија, поточно на малото, но прекрасно место Blanes, каде што бевме сместени во кампот La Masia – оаза на мир, природа и вистинска медитеранска атмосфера.

Кампот La Masia во Blanes пријатно нè изненади со својата удобност и одлична организација.
Тој е вистински погоден за семејства со деца, бидејќи нуди сè што е потребно за безгрижен и активен одмор.

Во рамките на кампот има два базени – двата приспособени за возрасни и за деца, каде што можат безбедно да си играат и пливаат.
Секој ден има организирани настани, игри за деца, мини диско, диско за возрасни и слично.

Кампот поседува и своја продавница, снабдена со основните продукти – свежо овошје, пекарски производи, ладни напитоци. Дополнително, има игрални, спортски терени и дневни активности за деца, како и простори за одмор и дружење.
Територијата на кампот е уредена и зелена, со многу сенки од борчиња и палми, што овозможува природен амбиент и свежина дури и во најтоплите денови, а исто така има можност за правење скара пред својата куќичка.

Во ресторанот и базените во кругот на кампот цените се навистина прифатливи, едно кафе чини од 1,5 – 2 евра, една пица 10 евра, пијалаците се по 3-4 евра.
Воопшто од цените во Шпанија сум пријатно изненаден и навистина се пристојни во однос од она што се нуди.

Цените за сместување во кампот се различни бидејќи се нудат различни типови на сместување и варираат според сезоната и типот на куќичка, но генерално, поевтино е од хотел со иста понуда.
Ние за 12 ноќевања плативме 670 евра.

Blanes е прекрасно крајбрежно гратче на Коста Брава, идеално за семеен одмор или за оние што сакаат да избегнат гужва.
Плажата е долга, чиста и со ситен песок, а морето е тиркизно и кристално јасно.

Над ова место има замок кој се вика „Castell de Sant Joan“ (замокот Свети Јован) и остава без здив.

