На одмор со Николче: „Бевме во камп во Шпанија - беше поевтино од хотел, на плажите нема лежалки, а ја посетивме и Барселона“
Она што посебно ни се допадна е тоа што плажите насекаде се широки, песочни и бесплатни, односно нема лежалки и чадори кои се наплаќаат, што создава пријатна, природна атмосфера.
Секој си носи своја опрема и си се сместува каде што сака, без никакви ограничувања.
Забележавме и дека на самите плажи има многу малку кафетерии, што некои би го сметале за недостаток, но за нас тоа ни беше предност – повеќе мир, помалку бучава.

Од Blanes направивме и краток излет до Lloret de Mar, град познат по младите туристи, клубови, забави и жив ноќен живот.
Таму има преубави заливи и плажи скриени меѓу карпи, како Cala Boadella, совршени за фотографирање и релаксација.
Шеталиштето покрај морето е полно со енергија, музика и улични артисти.

Искрено мене ова место ми остави многу убав впечаток. Тесните улички, убавата архитектура, место со душа.
Замокот на Castell d en Plaja, црквата Sant Roma, големиот број на прекрасни продавници и ресторани дополнително го збогатуваат ова место.

Еден од деновите го посветивме на посета на Tossa de Mar, место кое нè освои на прв поглед.
За разлика од енергичниот Lloret, Tossa има многу посмирена, романтична и историска атмосфера.

Највпечатлива е старата средновековна тврдина Vila Vella, која се издига над заливот.
Таму може да се прошетате низ калдрмисани улички, да се искачите до ѕидините и да уживате во спектакуларниот поглед кон морето.
Плажата е прекрасна – чиста, песочна и со поглед кон ѕидините, што ја прави посебно фотогенична.
Во самиот стар град има многу мали бутици, уметнички галерии и локални ресторани каде што може да се вкусат традиционални шпански јадења.
Tossa де Мар е вистински спој на култура, природа и уметност – идеално за дневен излет, но вреди и за подолг престој.

Не можеше да се одмине Барселона, која ни беше на 70 километри, па еден ден резервиравме за разглед на овој импресивен град.
Посетивме неколку култни локации: Sagrada Familia, Park Güell, прошетавме низ La Rambla и се изгубивме во шармот на Готската четврт.
Барселона зрачи со креативност, култура и урбана динамика која инспирира.
Она што нас лично не ни се допадна е тоа што има премногу гужва, а ние бевме со автомобил и тешко е да се најде паркинг, а за да ги посетиш сите овие места мора да менуваш постојано паркинзи.

На крај ја посетивме и плажата Барселонета, исто така убава плажа полна со млади посетители, градот е брз, раздвижен и на секој агол има по некој настан.
Храната во рестораните покрај самата плажа беше многу вкусна и еден ручек за двајца со по еден пијалак чинеше околу 80 евра.
Овој одмор не ни понуди само море и сонце, туку и културни доживувања, гастрономски уживања и можност да се поврземе со природата.
Кампувањето во La Masia беше полн погодок – комбинација на слобода, комфор и авантура. Топло го препорачуваме за сите што сакаат нешто поразлично од класичен одмор, а сакаат да уживаат во убавините на Шпанија“.
Прочитајте и Јулија, Украинка омажена за Македонец: „Војната ме раздели од блиските, сопругот ми е поддршка“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело
