Хрватот што ги посети сите земји во светот: „Спиев во најскапите хотели, но и во дупки од 1 евро и сфатив - парите не се среќа“
„Јадев во ресторани со Мишелин ѕвезди, но и на места каде што многу луѓе дури и не би уринирале. И по сето тоа, сфатив дека најубавите патувања во мојот живот не беа оние каде што лежев покрај базените на одморалиштата. Најдобрите патувања беа токму оние кога патував скромно“, вели Кристијан Иличиќ.

Хрватскиот патувачки блогер Кристијан Иличиќ со години неуморно истражува бројни земји низ светот и носи уникатно искуство од сите патувања на своите профили на социјалните мрежи, а неговите приказни од Авганистан се едни од најчитаните.
Toj сега повторно престојува таму, а со него овојпат е и неговата сакана Андреа Трговчевиќ.

Јадејќи сладолед во Авганистан, Кристијан сподели моќна порака:
„Поминав низ сите земји во светот. Спиев во најскапите хотели, но и во дупки од 1 евро.
Јадев во ресторани со Мишелин ѕвезди, но и на места каде што многу луѓе дури и не би уринирале.
И по сето тоа, сфатив дека вистинскиот луксуз не е она што го гледате на сјајните реклами или во пет ѕвездени соби. Вистинскиот луксуз е во едноставноста, во искрените моменти, во луѓето.
Најубавите патувања во мојот живот не беа оние каде што лежев покрај базените на одморалиштата.
Најдобрите патувања беа токму оние кога патував скромно, кога стопирав, кога не знаев каде ќе спијам и кога некој непознат ќе ме пушти во својот дом, кога вечерав со луѓе кои имаа малку, но тие го делеа тоа малку со мене како да е најголемото богатство.
Токму тие патувања ме обликуваа. Тогаш научив колку е прекрасен животот во својата едноставност.
И затоа додека јадам обичен сладолед во Авганистан, се чувствувам навистина среќен. Затоа што не е важно што држите во рака, туку што чувствувате во срцето.

Во исто време, не сакам да ја минимизирам важноста на парите.
Парите се потребни за безбедност, за здравје, за да имате мир во умот знаејќи дека можете да обезбедите основни работи за себе и за оние што ги сакате.
Но, парите не се она што создава среќа. Тие се само алатка.
