Кети од Скопје за патувањето со другарките во Андалузија: „Специјалитет им е опаш од бик, уживавме во фламенкото и медитеранското сонце“
Тетка (и баба) Кети од Скопје си има традиција – еднаш или двапати годишно да организира патувања со своите другарки. Сите се воглавно пензионерки кои уживаат да шетаат, да откриваат нови места и да создаваат спомени што ќе ги носат со себе. На овие патувања се смеат, фотографираат, пробуваат локални специјалитети и едноставно уживаат во секој момент. За нив, ова не е само патување - тоа е начин да останат активни, да се инспирираат и да ги збогатат пријателствата со уште една прекрасна заедничка приказна.

Последно, биле на патување во Андалузија, па тетка Кети со нас ги сподели нивните свежи спомени и искуства.
За CRNOBELO.com раскажа за шаренилото на улиците на Севиља, мирисот на тапаси и сангрија, ритамот на фламенкото што ги освоил од првиот чекор, и за опашот од бик што го пробале како локален специјалитет.
Во продолжение прочитајте повеќе за патувањето на Кети:
„Овој ноември 2025 конечно ми се исполни желбата, која одамна тлееше во мене, уште од пред корона - да ја посетам Андалузија. Вистина вредеше, одбравме многу добра програма, која траеше 7 ноќи, 8 дена, таман доволно за да посетиме неколку градови и да го истражиме овој прекрасен дел на Шпанија.
Андалузија е најголемиот шпански регион со околу 8 милиони жители, со преубави градови и живописни села. Таа е најјужниот дел од Шпанија, тука се спојуваат Средоземното Море со Атлантскиот Океан. Андалузија е лулката на коридата, фламенкото, гитарата. Овде и во ноември е сончево и пријатно топло, дење околу 22 степени, комотно може да се шетате по кратки ракави.

И плажите се користат и во ноември, се сончаат, а најхрабрите и пливаат во водите на Средоземно море.
Летот беше од Истанбул до Севиља, траеше околу 4 и пол часа. Сместување во хотел и веднаш прошетка до Златната кула која се наоѓа покрај реката Гвадалкивир, улиците околу неа, за да имаме ориентација каде сме сместени и колку е далеку нашиот хотел од главните атракции на Севиља. Возењето со автобус чини 1,40 еур без разлика колку станици се возите. Автобусите се убави, нови, чисти. Карта се купува во автобусот, се плака во кеш или со картичка.
Севиља е главен град на Андалузија, со околу 700.000 жители. Преубав стар град, со многу историски атракции, со многу зеленило, големи убави паркови, чисти улици, тревници, и многу цвеќиња.

Во Севиља обавезно треба да се посетат: Катедралата Света Марија, една од најголемите Готски катедрали, изградена на основите од џамија. Тука е кулата Гиралда која претходно била минаре, а сега е камбана на Катедралата; Алказар, некогаш Маварска палата, а сега величествена катедрала со повеќе олтари;

Шпанскиот плоштад, во паркот Марија Луиза, со голема полукружна зграда која била изградена за Изложбата Иберо - Американска во 1929 година, со повеќе мостови и фонтани.

На Шпанскиот плоштад постојано имаат настапи играчи на Фламенко, акробати и слично; Златната кула која била изградена како посматрачница и одбранбена бариера на реката Гвадалкивир; Печурките, плоштад со најголеми дрвени фигури на свет, кои се во форма на печурки.

Секако треба да се посети и Триана, населба на западната страна на реката Гвадалкивир, препознатлива по тесните улички полни со кафулиња, пекари, лаунџ барови каде што Шпанците го пијат утринското кафе и појадуваат вкусни сендвичи или пецива.

Обавезно треба да се пробаат нивните специјалитети за јадење како што се разните видови тапаси кои се всушност нивни предјадења, паељата со морски плодови или со пилешко или свинско месо, секако како главно јадење да порачате опаш од бик или свински образи кои се многу убаво зготвени, динстани во сопствениот сок, меки „како мозок“ и превкусни. Во комбинација со шпанско пиво, или некое вино, и секако сангрија.

Додека јадете може да уживате во убавата шпанска музика од уличните свирачи, акробати или фламенко играчи. И нема да ви се станува од ресторанот.
По 3 дена поминати во Севиља тргнавме за Кордоба и Гранада. Кордоба е т.н. осамениот град во срцето на Андалузија. Се наоѓа на брегот на реката Гвадалкивир. Овој град е опеан во стиховите на Лорка. Убаво се зачувани Стариот мост, Еврејскиот кварт, Џамијата Мескита која е симбол на градот. Овие историски споменици се заштитени од УНЕСКО.

Гранада се наоѓа во подножјето на планината Сиера Невада, на повеќе од 700 метри н.в. Тука се наоѓа скијачки центар каде што во 1996 година бил одржан Светскиот шампионат во алпско скијање. Инаку Гранада е на само 1 час возење до плажите на Средоземно Море.

Тука се наоѓа една од најголемите туристички атракции, величествената Алхамбра, тврдина и палата. Таа е еден од најзначајните споменици на Исламската архитектура, почнала да се гради во 13 век. Во 1492 година станала кралски дворец на кралскиот пар Фердинанд и Изабела. Овде на Колумбо му било дадено одобрување за неговите експедиции. Алхамбра е комплекс од исламски и христијански објекти, со прекрасни градини, езерца, паркови.
По 2 дена помината во Гранада патувањето продолжи кон Малага. По пат го посетивме симпатичното гратче Ронда кое се нарекува Чудо на природата, затоа што е сместено на две високи огромни карпи поврзани со камен мост.

Ронда е позната како колевка на коридата, тука се наоѓа една од најстарите арени - корида во Шпанија, потекнува од 1785 година.

Коридата е реновирана, бело обоена, во неа се одржуваат борби со бикови само 2 пати годишно. Во некои шпански градови борбите со бикови се целосно забранети и арените служат за други намени.
Патот не водеше преку Марбеља, познато монденско одморалиште, со преубави хотели, вили, каде што цената за метар квадратен се движи од 6000 евра па нагоре. Широки булевари со палмини и портокалови дрвја, убави паркчиња, ресторани, кафулиња, скапи бутици од сите светски брендови.
Малага е најголемиот јужен Европски град, втор по големина во Андалузија, наречен уште и престолнина на Коста дел Сол. Малага е родниот град на прочуениот сликар Пабло Пикасо.

На плоштадот пред неговата родна куќа се наоѓа негова бронзена фигура во природна големина. Вреди да се посети Музејот посветен на Пикасо, исполнет со негови дела од најраниот период па до крајот на неговиот живот.
Малага е позната по преубавите плажи на Средоземно Море, најпозната плажа е Ла Малагуета, на која и сега во ноември имаше посетители кои се сончаа, други ги користеа спортските реквизити, а најхрабрите се капеа.

Пристаништето во Малага е воглавно пристаниште за големи крузери, јахти, но и место за културни настани на преубавото шеталиште полно со ресторани. Мене ме воодушевија убавите паркови, полни со зеленило, со птици (папагали) кои живеат во крошните на палмите и слободно се шетаат во тревата.

Треба да се посети и стариот Римски театар, палатата тврдина Алкасаба, но исто така да се ужива слободното време покрај морето.
Искрено, следна прилика повторно би ја посетила Андалузија и би останала барем една недела во Малага за вистински летен одмор. Но, едно е најважно - ова патување ме збогати со незаборавни спомени и многу позитивна енергија.
Секој момент беше вистинско уживање: во шармот на градовите, во вкусовите на традиционалната храна, во богатството на нивните вина и во ритамот на животот што се чувствува на секоја улица. Андалузија не е само дестинација, туку искуство што останува во срцето“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. П. | Црнобело / фото: приватна архива
