10 причини зошто да го посетите Копенхаген со деца – нема да сакате да се вратите
Ќе доживеете нешто што не постои кај нас, ќе шетате по прекрасни големи паркови, децата ќе играат на отворени игралишта во природа, ќе истражуваат, ќе бидат безбедни додека возат мали велосипеди по означени детски патеки, а ќе посетат и затворени игротеки или места каде може да видат нешто што никогаш не го искусиле досега.

Ако сакате да одите на есенско патување со деца, каде тие ќе бидат во фокус, наместо да ги малтретирате по за нив здодевни знаменитости, имаме предлог.
Дефинитивно, Копенхаген е градот кој вреди да се посети со деца, независно на која возраст се (пожелно е да се малку поголеми), а целото семејство ќе ужива во новостекнатите искуства.
Освен многуте паркови на отворено, места за игра и истражување во природа и затворени занимални со секакви активности, секако тука се и многуте прекрасни знаменитости кои ги нуди градот, вкусната храна, културата која не се опишува со зборови.
Ако уште не ве убедивме, во продолжение неколку причини зошто да го посетите Копенхаген со деца:
1. Иако е голем европски град, атракциите се лоцирани во центарот блиску една до друга, а во исто време улиците се широки и не се преполни, пристапот е овозможен и за колички, па лесно може да се движите по нив со деца додека одите од едно до друго место.

2. Секогаш можете да се одморите од шетање и да резервирате тура на пловење низ каналите и на забавен начин да ги гледате најпознатите атракции во околината, а децата да доживеат ново искуство.

3. Има можности да изнајмите секаков тип на бебешка и детска опрема за патувањето да ви биде полесно – од колички за бебиња, близнаци или поголеми деца, па до креветчиња, кенгури, седишта за автомобил, детски тротинети и велосипеди.

4. Има многу ресторани кои се kids-friendly, имаат посебни детски менија, специјални столчиња за деца и хранилки, а има и многу вкусна улична храна, па нема да мора да се грижите дали децата некому пречат што викаат или нешто бутнале.

5. Најпопуларната атракција, Тиволи градината, е најубавиот забавен парк на отворено – со многу природа, бајковит изглед со цвеќиња, простор за трчање, забава, сенки, места за релаксирање и уживање за целото семејство, а тука се и забавните реквизити за возење (за кои е потребна карта).

