8 работи што треба да ги знаете за Плитвички Езера пред да ги посетите, според македонски туристички водич
„Планирајте цел ден да поминете тука, а ако сте само на поминување, најкратката рута е 2 часа. Однапред изберете по која рута ќе одите и понесете вода, а и храна ако останувате подолго“, вели Весна од Охрид, наш туристички водич, која има свои совети за посета на Националниот парк.

Весна Коцевска од Охрид е долгогодишен туристички водич, па на својот профил на Инстаграм со скоро 44.000 следбеници постојано споделува искуства од своите патувања.
Таа нуди и совети за дестинациите што ги посетила, за кога некој ќе реши да оди на истото место, да се снајде полесно или да има некаква претстава што да очекува.

Весна, на Инстаграм позната како @whisper.ves, овој пат беше на патување кое опфати и посета на Плитвичките Езера.
„Националниот парк Плитвички Езера е задолжителен за посета за вљубениците во природата.
Се наоѓа на околу 2 часа од Загреб, половина час од Бихаќ во БИХ. Планирајте цел ден да поминете тука, а ако сте само на поминување, најкратката рута е 2 часа.
Одете со план, изберете по која рута ќе одите и понесете вода, а и храна ако останувате подолго.
Иако има ресторани и кафулиња, можеби ќе се задржите подалеку од најчестите рути по кои се движат групите, а тоа е вообичаено најкратката од 2 часа“ - пишува Весна.
Таа направи и листа од 8 работи што секој треба да ги знае пред да оди таму:
1. Купете влезници однапред. Особено во сезона може да се распродадени.
2. Постојат два влеза, 1 и 2. Влез 1 е поблиску до големиот водопад и долните езера, влез 2 до горните езера. Меѓу двата влеза е вклучено вовче за трансфер.
3. Изберете патека, по можност уште пред да одите таму. Двата влеза, 1 и 2, нудат по 4 рути, вкупно 8 (објаснети во видеото подолу).

4. Капењето е забрането. Водата во езерата и водопадите е изворска и кристално чиста.
5. Најдобар период за посета се пролет со спектакуларни водопади и есен кога има фантастични бои.
6. Комбинација на пешачење, брод и вовче - сè е вклучено во цената, но имајте предвид дека во сезона може да има повеќе гужва и чекање.

7. Понесете вода и закуска - во паркот има ресторани и кафетерии, но добро е да имате нешто со себе, особено ако останувате подолго.
8. Носете удобни обувки - патеките се уредни и не се тешки, но сепак има доста одење.
