„Бев во Јужна Италија, со авионски лет од Скопје кој трае 1h, и посетив 6 магични гратчиња“
Првиот ден беше резервиран за Полињано а Маре и Монополи.
Шармантни, покрај море, со плажата за која сите знаат, со замокот кој сите го гуглале. Буквално магични!

Малку локали се отворени во овој период од годината, но во тие малку има најубава италијанска музика и мирис на највкусна храна и доволно се.


Потоа, следниот ден беше резервиран за Алберобело.
За околу час и десетина минути стигнавме таму со автобус и таму трулите под јануарското сонце блескаа во полн сјај, но и дотераните дедовци Италијанци, и сокачињата кои не се толку туристички и уличните музичари, кои ги имаше секогаш и насекаде.



Патувањето не можеше да помине без еден од најстарите градови во Италија, па и Европа – Матера.
Со земјени тонови, мистика и пејзаж кој буди восхит. Со улички кои кријат магија и глетки кои се помнат.

Со ресторанчиња каде се чувствувате како да сте сами на најубавото место на светот (нормално зборувам за надвор од сезона, за јануари), со ѕидини кои се протегаат до небото и пештери кои некогаш биле домови. Вистинска магија!


Последното на листа посетени гратчиња ми беше Остуни.
Ах, белиот град! Со дотерани господа, со побавно темпо на живот, со мали семејни ресторанчиња, со улички кои прават да си велите „Ова е таа Италија што сакав да ја почувствувам“.


