Бев на Малта со повратен лет од Скопје за 50€: Кафе е 2€, печива има за 0.50 центи - но, што не ми се допадна?
Аперол е меѓу 6 и 8 евра, кафе американо се движи меѓу 1.80 и 2.20 евра. Популарните печива пастици, кои се полнети или со грашок или со фета сирење, се продаваа за 0.50 центи, а пица на парче купувавме за 4.5 евра.
Непланирано отидовме на happy hour во бар во Сент Џулијан, па за 10 евра ни донесоа 1+1 коктел.


Иако имаше секакви локали и дискотеки во градот, овој пат решивме да не одиме во ноќен клуб и тоа да остане за некое следно патување.


Но, затоа бевме на морско во Las Palmas Gourmet, ресторан покрај море кој е во сопственост на Македонци.
А таму, освен морското „мезе“, пиевме и ликер од лешник, а пробавме и десерт кој се топеше во уста - 3 вида чоколадо, со топка сладолед од ванила и свежи малини.


Иако од македонски специјалитети сакав да ги пробам слатките во Mamas Sugar, уште еден познат наш ланец ресторани на Малта, планот ни се смени кога стигнавме таму.
Решивме да порачаме бургери (чинеа меѓу 12 и 14 евра), а си ги „правевме“ сами - избиравме лепче од менито, месо, додатоци, салати, сосови и тип на помфрит.


Огромниот бургер ни „спадна“ додека пешачевме од ресторанот во Слима, преку шеталиштето покрај морето, па конечно го видовме местото и ноќе, под сјајот на полната месечина.


Уште две работи од Малта ми се на листата „нешта што ме воодушевија“.
Прво, улицата на која се наоѓаше апартманот во кој бевме сместени, утрото откако пристигнавме почна да се раскопува и да се гребе асфалтот - вечерта кога се вративме таа веќе беше асфалтирана.


Второ - сфатив и дека сум вљубена во чудните брави на влезните врати што ги има насекаде низ Малта, па само ги фотографирав (а ми беа многу поубави од оние во Трастевере во Рим).


Од работите, пак, кои не ми се допаднаа на Малта, на прво место ми е бавниот автобуски превоз.
Иако е одлично организиран и лесен за снаоѓање, ако не го фатите „вистинскиот“ автобус кој вози по скратен пат, може со часови да се возите од едно до друго место, наместо да стигнете од една до друга дестинација за неколку минути.


Па така, првото патување до Валета ни траеше 100 минути, а второто не повеќе од 15.
Не ми се допадна ни што фери линиите во овој период од годината работат со „скратено“ време, па брзавме да фатиме превоз наместо да шетаме повеќе.


Или тоа што, не видов ниту еден уличен уметник или музичар, а велат - тие ја прават атмосферата во Валета посебно, уште помагична.
И секако, криво ми е што не видов многу селца, плажи, што не видов како живее локалното население или што на Мдина не ѝ посветив доволно време - и сето тоа поради лошото време... Но, сето тоа останува за следното патување на Малта, зашто земјата е прекрасна.


