Бев во Рим на два дена, од Скопје со автомобил до Тирана, па со авион за 50€ - Што успеав да видам за 48 часа?
- Детали
- среда, 26 ноември 2025
Предноста на сместувањето во Трастевере е што секаде можевме да стигнеме пешки - за 40 минути до Колосеумот, за 45 минути до Ватикан. Но, кога ќе тргнете низ Рим, знаете дека додека да стигнете до посакуваната локација, ќе видите барем уште 10 места кои ви се попатно, а од кои ќе ви застане здивот. Како си поминав во Рим во само 48 часа?

Неодамна на Инстаграм ми се појави фотка со порака: „Можеш да го напуштиш Рим, но Рим никогаш нема да те напушти тебе“.
И навистина е така. Откако во 2018-та година го посетив вечниот град, знаев дека еден ден ќе се вратам.
Седум години подоцна, поминав незаборавни (само) 48 часа во градот кој плени со првиот чекор по неговите улици, со првото испиено капучино, со првото залче од пицата на парче со вкус кој не се наоѓа на ниедно друго место, со првата голтка аперол шприц (кој е толку многу поразличен од овој кај нас).


Љубовта кон Рим никогаш не престанува, зошто и откога ќе си заминете ви текнува како додека шетате низ некоја „слепа“ уличка, всушност сфаќате дека тоа е само тесен пролаз кој ве води кон ново величествено парче историја, стара и неколку милениуми, до некоја вонземна градба, фонтана, парк...
И иако седум години посакувам да му се вратам на градот што ме маѓепса, никогаш не помислив дека нашата втора средба ќе биде кратка, од само малку повеќе од два дена, а дека причината за да отидам таму, ќе биде концертот на Елоди, една од најголемите музички ѕвезди во Италија, која, ретко кој ја знае кај нас. И повторно бев со истото друштво - другар ми Бобо.


До Рим летавме од Тирана (до таму стигнавме со автомобил за околу 5 часа).
Причината што не тргнавме директно од Скопје е што кај нас има лет за Рим еднаш неделно, а од Тирана има три лета дневно.
Билетите чинеа 50 евра (за два лета), а се сместивме во прекрасен апартман во Трастевере, најбоемскиот дел на Рим.


Предноста на сместувањето таму беше што секаде можевме да стигнеме пешки - за 40 минути до Колосеумот, за 45 минути до Ватикан.
Но, кога ќе тргнете низ Рим, знаете дека додека да стигнете до посакуваната локација, ќе видите барем уште 10 места кои ви се попатно, а од кои ќе ви застане здивот.


Бидејќи на претходното патување ги видовме главните музеи, споменици, катедрали, решивме овој пат да одиме полека.
Имавме само два дена, па планот беше да уживаме во прошетките и да јадеме - многу.
Направивме листа од места каде што сакаме да пробаме некој специјалитет (солен или благ), кафулиња каде што сакаме да седнеме на кафе.
Ама, како што обично бива, работите не одеа по план. А ние завршувавме со по 30.000+ чекори.


Базиликата Св. Петар и Кастел ди Анџело ги видовме вечерта по слетувањето. Од аеродромот, автобусот нè остави покрај Ватикан, па решивме, иако со ранци, да тргнеме до таму.
И не можеше да е поубаво - базиликата беше осветлена и распослана пред нашите очи со целата своја раскош, туристи се броеја на прсти. Милина.


Одејќи кон апартманот, во моментот кога зачекоривме во Трастевере, наидовме на групи млади луѓе - се дружат, се смеат, седат на плоштадите и уживаат во вечерта.
Ова ме потсети на времињата кога растев, па со друштвото се собиравме во маало, во „школски“, на клупа во парк пред да одиме во дискотека...


Следниот ден беше резервиран за лабава прошетка и хедонизам, а на листата имав само две работи кои сакав да ги видам - статуата Colossus of Constantine и катедралата San Andrea Della Valle.
Но, се претвори во ден со преку 30.000 изодени чекори.


