Бев во Рим на два дена, од Скопје со автомобил до Тирана, па со авион за 50€ - Што успеав да видам за 48 часа?
Прва станица ни беше Bocca della Verita (Устата на вистината), која ја памтам од филмот Roman Holiday со Одри Хепберн и Кери Грант.
Минатиот пат двапати бев таму и двата пати беше затворено, но трета среќа, па успеав да ја видам одблизу, да ставам рака и да се фотографирам. Дали скокнав од среќа како дете неколкупати? О, да!


Следна на листата беше импозантната статуа на императорот Константин, висока 13 метри.
Едвај чекав да ја видам, а се изнасмеав кога ја споредив големината на стапалото од мермер со големината на моите нозе.


Грандиозниот споменик посветен на првиот крал на Италија, Виторио Емануеле не планиравме да го видиме пак.
Ама, беше веднаш до статуата, па си рековме да поминеме и дотаму. Мојата логика беше да го поминеме обезбедувањето, да направиме 2-3 фотки однадвор и да се симнеме по скалите по кои се качивме.


Само, работите во меѓувреме се смениле, па она што пред 7 години беше отворен споменик, овој пат имаше протокол.
Моравме да се качиме до врвот на споменикот, да поминеме низ сите простории и да се симнеме до излезот од задната страна.


Прошетката низ римските улички, пак, ни беше нов мал доказ дека „кола од Италија не се купува“, дури и кога ве убедуваат „ја возела жена“.
Хммм, можеби е така, но на паркинзите на улица скоро и да немаше автомобил што не е удрен, или допрен со браникот до некој паркиран пред или зад него.


Неколкупати бевме сведоци и на излегување од паркинг, каде луѓето си ги туркаа напред и назад автомобилите паркирани до нив (сите се во лер) и така излегуваа.
Тоа што патувавме во ноември беше голема предност. Температурата беше околу 17 степени, имаше и сонце и облаци, ама немаше хаос од туристи.


Па и пред Колосеумот веднаш најдовме слободно место за фоткање, без некој да те турка или да треба да се „лакташ“ за да направиш фотка без куп луѓе на неа.


Од работите што не ги очекував беше и редот пред Фонтана ди Треви, каде што имаше обезбедување кое се грижеше да нема турканици, но и да нема задржување пред фонтаната. Според мене - голем плус!


