Бев во Рим на два дена, од Скопје со автомобил до Тирана, па со авион за 50€ - Што успеав да видам за 48 часа?
Ако Пантеон претходно го гледавме само однадвор, сега решивме да го видиме и внатре.
Мотив плус ни беше што во колоната за билети немаше ни десетина луѓе, а пред 7 години, не можевме ни да ја видиме билетарата од туристи.


И тоа беа едни од најдобро потрошените 5 евра во Рим. Иако однадвор делува величествено, Пантеон внатре е многу поубав.
Во градбата стара скоро 2000 години (изграден е 125 година) влеговме скоро пред зајдисонце, па не можевме да видиме како зраците осветлуваат дел од црквата преку огромната дупка во куполата.


Но, ни погледот кон синото небо не беше воопшто лош.
Не беше лош ни аперолот испиен на плоштадот пред Пантеон, а кој чинеше 7 евра (5 ако го порачате за носење).


На Пјаца Навона нè пречека куп народ, улични изведувачи, симпатични тавернички и пицерии.
И секако, Fontana dei Quattro Fiumi, фонтана која е посветена на четири богови на реките, која е направена уште во 17-от век.


Одејќи полека кон Шпанските скали, поминавме низ најскапата улица во Рим, каде што најпознатите светски брендови имаат свои продавници - и повеќето веќе беа украсени во празничен дух, со елки и лампиони.


Следниот ден имавме само претпладне за прошетка, па освен Пјаца дел Пополо, успеавме да ја видиме и катедралата San Andrea Della Valle.
Освен што ѕидовите и таваните се насликани како мали ремек дела, како да се наоѓате во музеј, интересно е што во неа има и две големи огледала, поставени под сводовите, за да можете преку нив да видите што има над вас, без да го кревате погледот нагоре.


Ова е една од неколкуте цркви со огледала во Рим, а кои, и понатаму важат за „скриени скапоцени камења“ на градот, зашто многумина не знаат за нив, па нема ни премногу туристи.


Вечерта, одејќи накај концертната сала, поминавме и покрај малата пирамида - уште еден препознатлив симбол на Рим.

Сепак, највоодушевувачки ми беше концертот на Елоди, Италијанката чија песна првпат слушнав пред неколку години на Сан Ремо.


