Плажата Lalaria на Скијатос е скриен рај со најубава тиркизна вода – како се стига и што ве очекува таму?
Скриено парче рај на Скијатос, со ситни бели камчиња и кристално чисто море со сина боја како во базен, до која се стига само со брод – како да стигнете до најубавата плажа на грчкиот остров и да не се каете што не сте уживале во најубавата глетка?

Ако одите на одмор на грчкиот остров Скијатос, иако сите плажи се прекрасни, има една која не смее да пропуштите да ја искусите.
Станува збор за Lalaria, која се наоѓа на североисточниот брег на островот, во Егејското Море.

Многу е популарна и препознатлива по тоа што наместо песок, има ситно бели камчиња и кристално чисто сино море како од базен, а пејзажот дополнително го комплетира карпа со впечатлив премин низ вода.

Но, до ова парче рај не може да се стигне по копнен пат, туку може да се посети само со брод.
Од главниот град Скијатос, секојдневно има тури со бротчиња кои носат до повеќе плажи, меѓу кои и оваа, а може да одберете кој тип на излет најмногу ви одговара според понудите.
Пловењето со брод до оваа плажа трае околу 30 минути, но најчесто турите се целодневни, бидејќи се посетуваат уште неколку плажи кои може да се видат само со брод.

Lalaria е дива плажа, нема барови и лежалки, ниту тоалети, таму целосно ќе уживате во природата и глетката која никогаш нема да ви излезе од сеќавање.
Препорачливо е со вас да си понесете вода, храна и заштита од сонце за максимално да уживате во престојот.
Сепак, заради местоположбата, многу често знае да има ветрови и морето да е разбранувано, па во тој случај, невозможно е да се стигне до најубавата плажа и затоа се советува да не го оставате овој излет за последните денови, туку да ја искористите можноста што е можно порано за да не се каете.

Цените за организирани тури со брод за повеќе туристи се отприлика 15 до 30 евра по особа, зависи од агенцијата, бродскиот оператор и типот на тура, но и од сезоната, а може да резервирате директно на пристаништето додека шетате.
Доколку сакате приватна тура само за вашето семејство или друштво, постои и таква можност, но зависно од големината на бродот, ова задоволство може да чини од 100-150 евра.