Соединете се со природата: Места во Македонија кои треба да ги посетите

„Планината те учи за својата вистинска природа“, вели Евгенија Крстевска од Прилеп, млада адвокатка, докторанд на Институтот за глобални студии во Скопје, која љубовта за планината ја има наследено од својот татко. 

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 2

Во својот живот Евгенија вели дека има две семејства. Едното е тоа од кое што потекнува, а другото е тоа што планината ѝ го подари. Како и секоја млада личност, сака да се дружи и патува.  

„Во минатите години откако активно планинарам научив дека луѓето со кои што заеднички ја делиме љубовта за планинарењето имаме слични карактеристики. Планината е само последниот елемент кој што нè поврзал заедно.

Интересен е начинот на кој што планинарите веднаш и едноставно се поврзуваат меѓусебе. Планинарите се храбри, едуцирани, едноставни и чесни луѓе кои знаат што сакаат во животот“, се изјаснува Евгенија, присетувајќи се на на сите денови без сон, поминатите километри, на дождовите и ветровите, на подадените раце кога за тоа имало потреба, на кампувањата, топлите заеднички зготвени оброци и на испиените пива пред коперациите после турите.

Тоа се едноставни работи кои ја радуваат.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 8

„Многу млади луѓе не сакаат да го напуштат комфорот и комодитетот што го носи урбаното живеење и да почнат да се занимаваат со некоја активност. Кога велам вака, не мислам дека ние само планинариме и не се дружиме на поинаков начин.

Планината бара жртва, упорност и истрајност, меѓутоа и планинарите многу добро знаат да се дружат и на нулта надморска висина“, раскажува Евгенија Крстевска и потенцира дека пролетта е вистинско време за да се започне со планинарење затоа што не е потребно големо вложување во опрема, а температурите се соодветни за да може да се ужива во природата.

„Македонија е богата со прекрасни планини и места кои вредат да се посетат. Доколку сте авантуристи и сакате подобро да ја запознаете својата држава, тогаш ве советувам да се приклучите кон некој од многубројните планинарски друштва“, поканува младата адвокатка од Прилеп.

Во продолжение следува пет препораки и авантуристички доживувања на Евгенија, на не толку посетувани места кои што нејзе најмногу ѝ оставиле впечаток.

Селечка Планина

„Јас потекнувам од Прилеп. На прилепчани, добро позната им е Селечка планина, како една од најпристапните планински места во околината на градот.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 11

Селечка е едно од местата кое често го посетувавме со татко ми и кое што можам сама да појдам кога сакам да уживам во убавините на планината  затоа што е на непосредна оддалеченост од градот и едноставно може да се стигне. Тоа е место за фамилијарни седенки и излети“, споделува Евгенија Крстевска. 

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 13

Јабланица

„За Јабланица можам да пишувам и зборувам со часови. За неа можам да кажам дека ми има оставено најголем впечаток.

Кога ја искачував, турата ја започнавме од Вевчани, потоа се упативме кон прекрасното село Белица кое што изобилува со многу убави планински куќички и викендици.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 5

Решивме кружно да ја изодиме планинарската патека до Црн Камен и Вевчанска локва (Вевчанско Езера), па да се спуштиме спрема Вевчаниските извори. Како што навлегувавме во планината имав чуство дека тука се собрале сите убавини од Кораб, Шара и Јакупица“, се присетува авантуристката.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 12

с. Маловиште - св. Спас - врв Вртешка - св. Ана

„Планинското село Маловиште во Општина Битола, на 20-ина километри од градот, на подножјето на Баба Планина е и единствената населба во границите на Националниот парк Пелистер. Кога ќе се прошетате низ ова село ќе помислите дека се наоѓате во Охрид или во Крушево.

Црквата св. Спас е најпосетена за празникот Спасовден, кога доаѓаат многу луѓе од различни места.  Слушнавме дека жителите на селото често се качуваат до црквата св. Спас за да затропаат три пати на камбанаријата која што е поставена на една карпа, а означува здравје и берикет.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 9

Потоа се упативме спрема врвот Вртешка 2010 мнв, кој беше наша цел за тој ден и спрема манастирскиот комплекс св. Ана. Кога почнавме да влегуваме во шумата, св. Ана од далеку ни изгледаше на некој стар француски замок, а не како некое свето место.

Подоцна дознав дека на ова место доаѓаат брачните парови кои имаат проблеми со формирањето на семејство, и кои на  6-ти наспроти 7–ми август треба да преспијат во просториите на црквата Света Ана“, споделува уште едно патување девојката од Прилеп.  

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 10

Караниколички езера на Шар Планина

„Шара има посебно место во моето срце поради тоа што мојот прадедо бил партизан и на враќање кон дома бил убиен таму, а преживеаните не успеале да го пренесат неговото тело во с. Бешиште - Мариово за да го погребаат. Се сеќавам како дедо ми со тага ми ја има раскажувано оваа случка, затоа секогаш кога и да имам можност да отидам на Шара, се сеќавам на него.

Благопријатно изненадена, на врвот Караникола бев пречекана со снегче.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 3

Тој ден планирано беше да стигнеме до с. Вешала и од тука да се упатиме кон Караниколичко езеро и врвовите Караникола 2409 мнв и Скакало 2494 мнв. Попатно уживавме во погледот кон Титов врв кој веќе беше забелен со снег, стада овци и познатите шарпланинци.

Прекрасни есенски бои, малку боровинки по пат, и шипинки со невообичаена големина собрани за чај за претстојната зима“, ни открива Евгенија.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 7

Голема Црцорија и Руен

„Осоговијата ми беше останата во ум, при последната посета на Бугарија. Се сеќавам дека на одење беше обвиена во црвени, зелени и жолти бои. Селото Голема Црцорија се наоѓа севернo од градот Крива Паланка.

Попатно успеавме да се изгубиме, па кога стигнавме во куќата каде што требаше да бидеме сместени, бевме повеќе од среќни. Останатиот дел не го споделувам затоа што треба да се доживее, а не може да се прераскаже.

soedinetete se so prirodata mesta vo makedonija koi treba da gi posetite 4

Изутрината бевме благопријатно изненадени од промената на времето. До тогаш не сум планинарела во услови кога имало нов наврнат снег. Цел ден паѓаа огромни снегулки, па поради тоа имаше големи наноси на снег.

Турата ја започнавме од рудникот Тораница, каде што се најдовме со останатите планинари. Искачувањето водеше кон врвот Калин Камен и врвот Руен. На симнување од врвот бевме почестени со сонце, па тоа сметам дека ја направи цела тура волшебна“, завршува Евгенија со раскажување на своите авантури.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
Од забави до зори на EXIT до дегустација на 500 различни вида вино – Зошто треба да го посетите Нови... Нови Сад, градот кој истовремено е и мирен и полн со живот, нуди по нешто за сеч...
Ненеци, народ кој живее „на работ на светот“: Јадат месо од ирваси, преживуваат и на -50°C Секое семејство има по еден ирвас „домашен миленик“. А ирвасите им нудат на Нене...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg