Од Велес до Истанбул со велосипед Коста и Дејан минаа 1.500 километри: „Имавме незаборавна авантура“


Од Велес до Истанбул со велосипед Коста и Дејан минаа 1.500 километри: „Имавме незаборавна авантура“

Авантуристите секогаш знаат дека најинтересните работи во живoтот се случуваат на пат. 

od-veles-do-istanbul-so-velosiped-prikazna-za-kosta-i-dejan-od-velesi-nivnoto-patesetvie-na-dve-trkala_2.jpg

Пред само неколку дена двајцата велешани, Коста Тахов, аудио реализатор во Метрополис радио мрежата и Дејан Митров, графички дизајнер, се вратија од нивното патешествие со велосипед долго 1.500 километри.

Од Велес до Истанбул и назад, нивниот подвиг засекогаш ќе остане запаметен како дел од внатрешно растење и разбирање на човекот.

„Возиме веќе неколку години по ред на такви далечни патувања со кампување“, раскажуваат Коста и Дејан. „Минатата година бевме преку Богомила, Прилеп, Битола, Кожани, Каламбака (Метеора), Лариса, Неи Пори, Солун, Дојран, Велес и поминавме точно 888km. Пред таа година го возевме првиот крак, а во 2014 имавме неуспешен обид за до Истанбул поради страшни невремиња. Стигнавме само до Александрополис, а останатите денови одлучивме да ги трошиме на плажа. Од таму ни дојде идејата. Овој пат (не)времето не успеа да не спречи“.

Коста и Дејан честа прават состаноци каде разговараат за патувањата. Со помош на некои интернет алатки мерат километри, прават план од каде да возат. Ја проверуваат опремата, алатите и деловите дали сé е во ред со нив и дали имаат сé што им е потребно.

Секогаш со нив имаат резервни делови и гуми, за оние не дај Боже ситуации. Сепак, во прашања се многу километри што треба да се поминат, а на пат буквално сé може да се случи.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 1

„Стартот беше од Велес“, споделуваат авантуристите, чие патување почна и заврши со првичниот план. „Од дома пред врата. Наточивме гориво во Паб и продолживме кон Дојран каде ни беше првиот одмор.

Следниот ден излеговме преку граница и се упативме кон Кавала преку некои села и гратчиња. Од Ливадиа возевме покрај езерото Керкини, каде што врнеше дожд па го искористивме да уживаме во природа под еден летниковец. Потоа покрај реката Струма возевме покрај многу села и гратчиња. Влеговме во Нигрита, се спуштивме до Неа Амфиполи од каде продолживме да возиме по жешко сонце, покрај море до Кавала.

Во Кавала престојувавме во камп со шатори кои ги возевме со нас. Следната дестинација за одмор беше Александрополис. Па така после Кавала, преку Ксанти од каде што почна да дува силен ветар од спротивна насока и Комотини стигнавме во Александрополис кој е на околу 40 километри пред турска граница. Овде одморивме добро бидејќи следното возење беше долго.

Влеговме во Турција. Во близина на Ипсала возевме по широк пат без никаква дупка покрај Кешан, Малкара, Текирдаг каде што одморивме малку, Силиври и Истанбул. Силен ветар не дуваше сé до Истанбул. Се враќавме по обратен редослед, а направивме некои мали измени и го избегнавме Комотини, а влеговме во Драма и Серес, па се до Дојран и Велес“.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 9

Поради тоа што биле ограничени со времето, Коста и Дејан возеле секој ден и ноќ. Најчесто возеле навечер поради жешкото сонце. Време за одмор немале многу. Во Истанбул останале два дена кои ги искористиле во разгледување на барем еден мал дел од него. Истанбул е место што повторно би сакале да го посетат.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 8

„Додека возевме имавме секакви моменти. На пример, по пат ја видовме куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица и тоа навечер после полноќ. 1 километар по неа влеговме во една мрачна клисура поради тоа што мостот беше срушен, па минувавме преку некој стар мост, а покрај него имаше друг од римско време. Тоа беа навистина морбидни места“, се присетуваат Коста и Дејан, кои поради тоа што биле ненаспани, неколкупати им се случило во 3-4 по полноќ, да задремат, возејќи.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 5

„За среќа годинава немавме никакви проблеми и контакти со полиција. Минатата година љубезно нé пренасочија бидејќи е забрането возење на велосипед по автопат. Ние сакавме малку да скратиме, ама го продолживме патувањето за плус 20 километри“, дофрлаат велосипедистите.

„Додека патувате со велосипед може да ги забележите сите детали и природни убавини покрај патот. Можете да запрете во секој момент, да фотографирате, да ги дишите миризбите на природата... Со автомобил тоа е невозможно. Пропуштате многу. Додека патувате со велосипед, лесно ќе запознаете многу луѓе. Секакви луѓе. Секој по својот пат, секој со своја приказна... Додека патувате со велосипед ќе научите да се снајдете во секаква ситуација“.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 7

Поради обврските нивното патување мораше да заврши за одреден временски период. Но, тука не прекинува нивната приказна. И двајцата знаат дека наскоро ќе има следно патување за кое повторно ќе се раскажува.

od veles do istanbul so velosiped prikazna za kosta i dejan od velesi nivnoto patesetvie na dve trkala 4

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

 

Би можело да ве интересира:

4 трикови кои ќе ви помогнат да не паднете во замка на крадци на одмор Туристите се лесен плен за крадците насекаде на светот, и тоа не само по улиците...
Писателката Вера Калин: Мојот престој во Сеул претставува еден прекрас... Кога ќе се спомене името Вера Калин сите веднаш ја поврзуваме со нејзините книги...
4 дестинации: Совршен избор за секоја жена Секоја девојка, барем еднаш во животот, посакала да оди на ексклузивно патување ...