Спиење со бедуини, сафари тура, песочни дини и камили во мистичната пустина Вади Рам

Петра ја напуштивме во шест сабајле. На излегување, добивме подароци од Абдулах, нашиот AirBnB домаќин. На Дарe му подари сламен шешир, кој искрено сакав да беше наменет за мене, а јас добив мало килимче со ориентални шари. Исто такво дома ни стои во кујна. Мајка ми пред неколку месеци го купи во Рамстор.

Spienje so beduini safari tura pesocni dini i kamili vo misticnata pustina wadi rum 2

Се поздравивме со нашиот нов пријател и се спуштивме пред ресторанот „Ал-Вади“ каде нè собра единственото комбе, кое вози до пустината Вади Рам.

Се најдовме во друштво на поспани странци. И ние како нив бевме решени да ја доживееме пустината на свој начин. Пријатно се изненадивме кога кондуктерот од една вреќа извлече топла погача и ја подели со нас, заедно со вкусни фалафел.

А, уште повеќе се запрепастив од двајца Холанѓани, седнати зад мене, кои беа тргнати во пустина со помисла дека таму ќе најдат банкомат.

Не можев да дремнам ни пет минути. Возачот ги погоди сите дупки, а во еден момент изведе таква маневра со комбето, за влакно фалеше да нè здроби еден шлепер.

Уште не бев расонет како што треба, а ние веќе пристигнавме до инфоцентарот на Вади Рам. Па после такво возење што друго да очекувам?

Бевме пречекани од група бедуини, кои требаше да не префрлат до бедуинските камповите, длабоко во пустината. Штом го најдовме Салем, нашиот водич, сафари тура низ Вади Рам можеше да започне.

Во наредните неколку часа, посетивме интересни локации. Од големи песочни дини, кањони, скриени извори со вода, а посебно ќеф ми направи што за прв пат во животот се качив на камила! И за момент се почувствував како Аладин.

Штом активностите завршија, Салем не остави во неговиот бедуински камп во дванаесет напладне. Ни рече дека вечерата ќе биде околу осум часот навечер, а тогаш ќе донесе и ново количество на вода за пиење.

И така, препуштени сами на себе, сфативме дека сме единствените посетители во пеколно жешкиот камп, со шише и пол превриена вода за пиење, без никаков сигнал и шатор, кој слободно можеше од нас да стори печено месо.

Spienje so beduini safari tura pesocni dini i kamili vo misticnata pustina wadi rum 4

Чекавме да се стемни за да можеме да здивнеме. Тие неколку часа, наместо да бидат часови на уживање, беа претворени во една жешка тортура. Колку и да пиев вода, устата и грлото ми остануваа исушени.

За малку ќе потонав и во постелата натопена од мојата пот. Како и да е знаев дека ова ќе заврши, па смогнавме сила и со Даре се искачивме на една карпа, која пространо го отсликуваше пустинскиот хоризонт.

Spienje so beduini safari tura pesocni dini i kamili vo misticnata pustina wadi rum 1

Не знам дали сетилата ми беа изострени или нешто ново се отклучи во мене, но никогаш немав видено толку емотивно заоѓање на сонцето. Во тој отворен простор каде ветрот флертува со ситната песок, во тој меѓу простор на изгубени талкачи, јас стоев и ја барав смислата на тишината.

Веќе наредното утро моравме да заминеме за Тел Авив, каде требаше да го фатиме авионот за Софија. Само што пристигнавме на аеродромот, поради нашето патување во Јордан станавме мета на полицајци.

Прво не испрашуваа за сè и сешто. Што сме барале во Јордан? Каде сме престојувале? Кога последен пат сме размениле порака со познаниците од Јордан? Дали сме биле во Палестина?… И уште еден куп прашања.

Мислевме дека тука завршуваат замарањата, но, не беше така. Решија да не стават на скенери во една посебна просторија. Ни извадија сè што имаме во ранци, го фатија секое кабелче, предмет или што и да најдоа.

И двајцата не ставија на посебни скенери, ни го пребараат секој дел од телото, за малку фалеше и голи да не соблечат за да бидат сигурни дека не сме дел од „лошите момци“.

Тука се и заврши патување. Кога ќе го споредам со оние од претходните години, последново траеше најкратко, но беше исполнето најинтензивни доживувања.

Можеби само првото патешествие од 2014 година може да му парира на ова во поглед што и тогаш и сега се впуштив во нешто што ми беше сосема непознато.

Штом стигнав во Куманово согледав дека повторно треба да се префрлам во петта брзина и барем на некој месец да се разделам од она што навистина ми значи – патувањето.

Автор: Евгениј Хоуп

Би можело да ве интересира:

Ќе ве качиме во „кајчето на Лихнида“ и ќе ве одведеме до петте најубави локации во нашиот бисер Охри... Рибарите ги прибираа мрежите. А езерото мирно, душа да си одмориш. И додека убав...
8 најубави плажи во Хрватска за одмор со мали деца На кои плажи во Хрватска морето е најчисто, плитко, а има и голем број активност...
Предлог за кратко викенд патување: 5 преубави македонски села Овие пет села се само мал дел од богатата ризница на Македонија. Ги има уште мно...
Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
Литохоро во Грција - oдлична опција за љубителите на море и планина, а ќе стигнете за околу 4 часа о... Сместен во подножјето на планината Олимп, Литохоро е живописен град во Грција ко...
5 од најубавите плажи во Шпанија со тиркизна вода и златен песок Шпанија е позната по своите прекрасни плажи со кристално чиста води, а во продол...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg