Бродски дневник: „Лошата страна на работата на брод – дома имаат жени, а тука девојки“

Водењето двоен живот е многу честа појава меѓу оние искусни моранри, кои коските ги оставиле на пристаништата. Оние кои дома имаат сопруги/сопрузи и деца, а на брод љубовници и девојки. Оние кои дома се посветени родители кои се жртвуваат за иднината на своите деца, а на брод, по завршувањето на видео повикот со домашните, се први кои го фаќаат микрофонот, пијат до раните утрински часови, а често заспиваат во туѓа кабина.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-doma-imaat-zheni-a-tuka-devojki-01.jpg

Осум години по ред работев на брод, а мојата морнарска авантура беше прекината со светската пандемија, па повеќе повеќе од година бев на копно, постојано очекувајќи нови информации за враќање на крузерите на море и сега повторно сум на брод. Работењето на брод не е само кариера и брза заработувачка, тука е стил на живот, и интересен и забавен, но и динамичен и стресен, понекогаш може да биде осамен и покрај илјадниците „цимери“ во пловната куќа, полн со емоции, и солзи и насмевки.

Бродската кариера ми помогна да созреам, да научам нови јазици, да запознаам луѓе од целиот свет и да создадам искрени и цврсти пријателства со нив, ми отвори нови хоризонти, а најдоброто од сè е што имам можности да патувам и талкам по пристаништа, мали рибарски села и познати метрополи.

Иако се обидувам секогаш да го најдам убавото и доброто во секоја ситуација, за волја на вистината не е сè е мед и млеко на отворено море, далеку од дома, во нова средина меѓу колеги кои се борат за унапредувања, водени од слепата трка за пари и привилегии.

Па, покрај луди забави, одличните шопинзи, мрзеливите денови на плажа, на брод јас, а и илјадници мои колеги се соочуваат со проблеми кои на оние на копно им се сосема чудни, нереални. Колку подолго си на брод, толку полесно го губиш допирот со реалност и почнуваш да го делиш животот на оној на море и оној на копно, а со тоа ги делиш и пријателите, љубовните врски, дури и идентитетот.

Јас на брод сум многу посамоуверена, отколку на копно, пред сè бидејќи се вреднува мојот труд, заслужено бев унапредена, нешто што не го почувствував додека работев во Македонија. Можеби тоа беше еден од мотивите што се одлучив да запловам во нова авантура.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-vrski-bez-obvrski-dvoen-zhivot-i-gubenje-dopir-so-realnost-04.jpg

Двоен живот

Велат еднаш морнар, цел живот морнар, па има членови на екипажот кои работат во бродската индустрија дури повеќе од две децении, некои за добрата плата и финансиско одржување на семејството, други за статус и луксуз, а трети, едноставано зошто се навикнале и едноставно не можат да прекинат.

Јас, колку пати само си реков, ова ми е последен договор, но повторно и повторно се враќам. До кога? Искрено, веќе и самата не знам!

Водењето двоен живот е многу честа појава меѓу оние искусни моранри, кои коските ги оставиле на пристаништата. Оние кои дома имаат сопруги/сопрузи и деца, а на брод љубовници и девојки. Оние кои дома се посветени родители кои се жртвуваат за иднината на своите деца, а на брод, по завршувањето на видео повикот со домашните, се први кои го фаќаат микрофонот, пијат до раните утрински часови, а често заспиваат во туѓа кабина.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-doma-imaat-zheni-a-tuka-devojki-02.jpg

И тоа е сосема нормално, бурмата стои на прстот, сопругата е среќна дома со пари кои секој месец стигаат на сметка, а тој прави список кои се земји „ги има поминато“. За многумина е чудно, неморално и лажно, но за нив, е нормално, тоа е нивниот начин да се борат со осаменоста на брод, со искушенијата, со стресот од работата, со сопственото его.

Со еден колега од Хондурас секогаш се шегувавме дека во секоја земја има по едно дете, само не знае. Двојниот живот се преселува и на социјалните мрежи, па еден профил за домашните, еден за пријателите од брод, еден човек, а две лица, сосема различни. И ова не се случува за месец или два, туку трае со години и години.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-doma-imaat-zheni-a-tuka-devojki-04.jpg

Имаше еден офицер, постар, веќе со седа коса. Знаев дека е во врска со девојка од Романија која работеше како келнерка во бар. Сите знаеја за нивната врска, и сите ја вртеа главата настана кога неговата сопруга и децата дојдоа на крстарење. Еден ден го сликам со девојката, другата седмица со семејството.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-vrski-bez-obvrski-dvoen-zhivot-i-gubenje-dopir-so-realnost-05.jpg

Губење на допир со реалниот живот

По завршувањето на договорот, кога доаѓам дома, понекогаш се чувствувам како седум месеци да сум била на пуст остров. Меѓу работата, уморот, но и шетањето, заедно со бавниот интернет, не секогаш имам време да бидам во тек со настаните дома, а не пак во светот. Па, бура од информации, настани и промени штом се симнам на копно. Искрено, не се сеќавам кога последен пат има гласано.

Бродскиот интернет е преку сателит и е и скап, и бавен, па најчесто го користам за пораки со семејството и пријателите, кога имам добар интернет, немам доволно време да прочитам, а најчесто поминувам време да спуштам нови серии и филмови.

Договорот обично е седум месеци, но може да се продолжи, па по десет месеци поминати на море, понекогаш се чувствувам како од Марс да сум паднала, сè ми е ново, чудно, променето.

Од друга страна пак, губењето на допирот со реалноста и цивилизацијата може да биде и позитивен и заштитнички. Ние сме на море, во нашиот мал свет, секој ден истите рутини и правила кој секој ги знае и почитува, без сериозни проблеми, па сме заштитени од сите несреќи и случувања во секојдневниот живот, несвесни за сите политички игри и економски кризи, бракови и разводи, кој починал, кој се родил.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-vrski-bez-obvrski-dvoen-zhivot-i-gubenje-dopir-so-realnost-06.jpg

Врски без обврски и страв од поврзување

Јас имав среќа да се заљубам во човек кој исто како мене го сака работењето на брод, па успеваме да го балансираме животот на море и копно. Тешко е да се биде во врска на далечина, во различни временски зони, па само оние кои навистина го разбираат животот на брод можат да успеат и за изградат цврста врска.

Најчесто врските на брод траат колку што трае и договорот, а потоа секој по својот пат, во својата дома. Врски без обврски, за забава, кратки авантури без многу планови, тоа се 90 проценти од врските на брод. Секоја чест на исклучоците кои навистина се заљубиле и нивните врски останале посилни од времето и далечината.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-doma-imaat-zheni-a-tuka-devojki-03.jpg

Секс за една ноќ, менување на партнери, афери, и дискретни, и јавни, по некоја драма, но и вистински љубовни приказни, мали сапунски опери, од сè по нешто, а сепак најчесто, си го знаат само името и број на кабината.

Токму поради „рокот на траење“ многу врски завршиле и пред да започнат, па стравот од далечината не дозволил искрено да се поврзат, да се запознаат, да се заљубат. Знаејќи дека секој е од различен крај на светот, повеќето уште на старт ги исклучуваат емоциите, и сè се сведува на само безначаен секс, бидејќи, така помалку боли кога ќе треба да се пакуваат куферите, облеката лесно се пакува, но чувствата и солзите не.

А тоа не е само за врските, колку пати само сум плачела за драги пријатели, бидејќи на брод, не можеш да ги бирам колегите, но внимателно ги бираш пријателите со кои ќе бидеш 24 часа, ќе делиш и добро и лошо.

brodski-dnevnik-loshata-strana-na-rabotata-na-brod-vrski-bez-obvrski-dvoen-zhivot-i-gubenje-dopir-so-realnost-07.jpg

Само уште еден договор

„Само уште еден договор“ – најголемата лага што секој кој работи на брод си ја кажува, најверојатно пред качувањето и почнувањето на седуммесечната авантура. Лага што и јас самата си ја кажувам. Пред почетокот на пандемијата си ветив дека тоа ќе биде последен договор, НО, едно големо НО, сега едвај чекав да се вратам. Со живеењето во Бразил и лошата економска криза најлогично ни беше да се вратиме. Ама, сега, си рековме со сопругот, ќе штедиме пари, додека светот не се врати во нормала.

Работењето на брод е еден бесконечен круг, влегуваш во торнадо од емоции и случувања и остануваш заробен во комфорноста и финансиската стабилност.

Како и сè во животот, и работењето на брод има свои предности и недостатоци, подеми и падови, и добивки и губење, а кога ќе успееш да ја најдеш совршената формула за ги споиш сите тие нешта и да добиеш позитивен резултат, тогаш знаеш дека таму припаѓаш, тоа е твојата златна средина.

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

10 места низ Европа што можете да ги посетите ова лето 2023 Полуостровот Истра е преубав дел од Хрватска кој вреди да се посети на лето, осо...
Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огр... На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзинат...
„Бев во Неи Пори овој јуни 2023, лежалка со кафе е 5 евра, морето е уште студено, но едно селце кое ... „Пријатно бев изненадена од ниската цена на вилата во која во престојував, од не...
Носталгија по детството во викендичката блиску Куманово – месен леб, музика од грамофон и легенди за... Постојат места кои се отвораат како портал и нè враќаат во нашите спомени од дет...
Ивана од Скопје: „Работев како фотограф на брод, крстарев низ француските Кариби - што ме воодушеви ...  Досега имам посетено многу поморски градови, пристаништа, популарни монден...
Каде да летувате во Хрватска ако сакате песочни плажи? За Хрватска, првата помисла за плажите најчесто е карпести и камени плажи со кри...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg