Бродски дневник: „Се враќам на брод, ме чека 14-дневен карантин и 8 месеци само на море, без пристап на копно“
Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Менаџер 20-09-2021


Бродски дневник: „Се враќам на брод, ме чека 14-дневен карантин и 8 месеци само на море, без пристап на копно“

Претходно секој слободен час при работата на брод го користев за истражување на нови дестинации, релаксирање на плажа и талкање по мали рибарски села и пристаништа, но сега, бродот ќе биде буквално мојот свет во следните осум месеци...

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-01.jpg

После година ипол на копно конечно се враќам на море… Измешани емоции, и среќа и страв и солзи и смеа. Подготвена, но дали сум подготвена за осум месеци само на море?

Светската пандемија го измести светот од колосек и нашите животи се сменија за 360 степени, барем мојот и на моите колеги, модерни морепловци, навикнати на живот во куфери и трка со времето, брановите и копното. Во март 2020 година се симнавме од брод поради Ковид и од тогаш сум на копно, и конечно, по толку планови и лажни надежи, откажувања и пакувања, го имам договорот и авионскиот билет во рака.

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-04.jpg

Иако со нетрпение чекам да вратам во она што до пред пандемија ми беше секојдневие исплашена сум од СИТЕ НОВИ ПРАВИЛА И ПРОЦЕДУРИ, А МНОГУ СЕ!!!

Карантин, 14 дена сама!

Сите членови на екипажот прво одат во двонеделен карантин, и тоа сами во кабина. Среќа што карантинот ќе биде во патнички кабини, па барем ќе имаме тераса, иако мала, но со поглед од милион долари, мирис на море и допир со сонцето. Но, сепак се 14 денови меѓу четири ѕида и со многу слаб сателитски интернет.

Имам колеги кои веќе се на брод, и сите со истиот совет, земи си филмови зошто е многу здодевно.

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-03.jpg

Во последниве три седмици го полнам хард драјвот со серии, филмови и симнувам книги на таблет. Секако, решив ќе бидам продуктивна, па симнав и часови по италијански јазик, да си го подобрам.

Иако се убедувам дека сум подготвена, сепак искрено малку ми е страв, но ќе издржам.

Оброци ќе ни носат три пати дневно, редовно мерење на температура и задолжителна вакцинација на целиот екипаж. Не сум сигурна дали и гостите мора да се вакцинирани, но ќе дознаам наскоро.

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-05.jpg

Осум месеци само на море

Од аеродром право на брод и на копно по осум месеци. Е тоа е вистински морнарски живот.

Имам среќа што со сопругот заедно ќе одиме, па ќе си бидеме поддршка и рамо за плачење еден на друг.

Сосема е сменет животот на брод за екипажот, и заработката ми е најголемиот мотиватор за предизвикот кој ме очекува. Секако ова е мој избор и се надевам дека ќе успеам.

Поради целата пандемија и сите мерки за препазливост на екипажот не му е дозволено симнување од брод сè додека не му заврши договорот. Па, јас на земја ќе стапнам здравје во април 2022.

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-06.jpg

Претходно секој слободен час го користев за истражување на нови дестинации, релаксирање на плажа и талкање по мали рибарски села и пристаништа, но сега, бродот ќе биде буквално мојот свет во следните осум месеци. Според новите правила нема да има ниту забави за екипаж, ќе може да одиме до барот на пијачка, но не повеќе од 4 на иста маса, а во теретана само по 6 во исто време.

Има палуба само за екипаж со мал базен, па тоа ќе ни биде единствениот допир со сонце и свеж воздух. Звучи, како малку полуксузен затвор, од кој се надевам дека ќе излезам со подебела сметка во банка.

Надежта последна умира

Но, и покрај сите нови мерки и рестрикции верувам и се надевам дека со тек на време ќе ни дозволат да се симнеме на копно.

Бродската индустрија беше една од најпогодените во целата пандемија и со месеци бродовите останаа закотвени на пристаништата, а екипажот дома. Првично договорите беа по пет месеци, но ги продолжија на осум.

Иако психички се подготвувам за животот на море, многу поразличен од оној кој го знам и сакам, сепак имам доза на сомневање за мојата издржливост, и се надевам дека немам да падам во криза и да дадам отказ. Секако, ова е мој личен избор и свесна сум за она што ме чека, а и нема да сум сама.

brodski-dnevnik-se-vrakjam-na-brod-me-cheka-14-dneven-karantin-i-8-meseci-samo-na-more-bez-pristap-na-kopno-07.jpg

Куферите спремни, полни со кафе и чоколади, боенки за релаксирање и книги кои ќе ми помогнат времето да помине побрзо!

Се надевам дека целата пандемија наскоро ќе заврши и јас нема да имам желба да скокнам од брод. Се шегувам, се разбира. 

Ивана од Скопје има работено на брод 8 години. Во наредниот период таа за CRNOBELO.com ќе споделува лични искуства и приказни од работата на брод.

Сите статии од серијалот „Бродски дневник“ може да ги прочитате ТУКА.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

5 нови хотели во Грција со примамлив поглед на море Иако можеби не сте од оние кои во Грција се сместуваат во хотели, сигурно би пос...
Бродски дневник на Ивана: „Ме стегаше срцето на скопскиот аеродром кога првпат заминав на брод – по ... Поминаа скоро осум години откако за првпат запловив на луксузен крузер, но се’ у...
„Бев во Занзибар, остров во Индискиот океан - локалците се пријатни, има желки стари и по 100 години... Да, ми требаше неколку дена за да се соземам од патувањето и, еве, пак не знам т...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg