„Детето може да е среќно и ако не е најдобро во училиште и не знае 3 јазици“ – Босански психолог со порака до родителите
„Успешни ќе бидете ако воспитате дете кое не е анксиозно. Дете кое е слободно. Детето може да биде среќно и ако не е најдобро во училиште и не знае 3 јазици. Не ги раѓаме децата за да бидат наши клонови, туку своја личност“ - психотерапевтката д-р Јасна Бајрактаревиќ испраќа моќна порака до родителите.

Доктор Јасна Бајрактаревиќ е босанска психотерапевтка и професорка по психологија на факултетот во Сараево, како и автор на голем број книги напишани на различни теми од областа на психологијата.
Таа редовно гостува во емисии и подкасти, каде зборува за најчести проблематики, а ја поткрева свеста за одредени теми.

Периодов, вирално се споделува видео, кое е извадок од нејзиното постаро гостување во подкастот Empire State Balkan.
Таму таа зборуваше за тоа колку Балканците се трпеливи, дали се осудени на несреќа, какви се навиките и желбите за остварување цели, како се гради личноста, но и што значи да се биде успешен родител.
Токму темата за родителството е она што го привлече вниманието на многумина.
Таа кажува дека успешни се родителите кои одгледуваат дете кое не е анксиозно, а како најголем проблем го наведува тоа што сите сакаат нивното дете да биде совршено, го затрупуваат со обврски и активности и му ја кратат слободата.
Во неколку секунди, психотерапевтката објаснува нешто што на родителите им отвора очи:
„Успешни ќе бидете ако воспитате дете кое не е анксиозно. Дете кое е слободно. Што значи слободно?
Можам да бидам среќен и ако не сум најдобар во школо. Можам да бидам среќен и ако не знам 3 јазици. Можам да бидам среќен ако пронајдам што сакам да правам, не што ми се наметнува.
И тука е основната грешка. Ние забораваме дека кога ќе родиме дете, не сме родиле клон на себеси, туку потполно нова личност, која има спој на нашите гени, но не мора воопшто да личи на нас.

И понатаму сакаме нашето дете да биде уште поуспешно, да нè надмине, да можеме да се пофалиме со сите негови успеси и да оди по шините кои ние сме ги направиле.
Децата се бунат, генерациите се бунат, гледаат интернет, пробуваат да стигнат до тоа кои се и што се.
И најчестото прашање кое мене, млади луѓе ми го поставуваат, па дури и луѓе до 40 години, е – дојдов да видам кој сум јас всушност?
И ова е најинтелигентното прашање кое секој човек треба да си го поставува секојдневно. Кој сум јас и што јас сакам?“
Погледнете го видеото каде таа зборува за ова:
Погледнете го нејзиното целосно гостување:
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com
