„Се откажав од старателството над син ми – го гледам само 6 дена месечно и сум подобра мајка“
„Никој не вели ништо ако таткото минува само шест дена месечно со неговото дете. Но, кога жена го прави ова, таа е чудовиште. Тоа што имам повеќе време за мене ме прави посреќна, посмирена жена, а со тоа ме прави и подобра мајка“.

Кога пар со дете се разведува (или раскинува) еден од најголемите проблеми е старателството.
Генерално, партнерите пробуваат да добијат заедничко старателство, а некогаш се борат за целосно.
Но, има ситуации и кога едниот родител самиот се откажува од старателството.
Во ваква ситуација се нашла Јени Хоанг од Јута, САД, која по разделбата со нејзиниот партнер Џејмс одлучила да се откаже од старателството над нивниот син кога тој имал две години.
29-годишната Јени вели дека чувствувала огромна вина и дека честопати ја нарекувале себична, но тврди дека ова ја прави подобра мајка.
„Штом ја споделив мојата одлука, веднаш се соочив со напади. Луѓето ми велеа дека мојата одлука е одвратна и ме нарекуваа неодговорна мајка.
Се однесуваа како да сум го оставила син ми на улица!“ – открива Јени за The Sun.
Таа вели дека е свесна дека нејзината одлука е контроверзна, но истакнува дека јавноста прво треба да ја дознае целата приказна пред да ја осудува.
„Кога бев дете, а потоа и тинејџерка, верував дека мајчинството е најголемото достигнување во животот. Кога размислував за мојата иднина, во неа секогаш имаше деца“, раскажува Јени.
Кога имала 21 година, го запознала Џејмс и кога врската станала сериозна, била сигурна дека сака да имаат деца.
„Околу година и пол откако ја почнавме врската одлучивме да станеме родители. Кога го видовме позитивниот тест за бременост бевме пресреќни.
Дотогаш веќе се имавме преселено во помало гратче кое ни изгледаше како совршено место за семејство. Се замислував како готвам за моето дете и како сум посветена мајка“.
Но, Јени вели дека сето ова се променило по тешкото породување во 2020-та.
„Породувањето беше многу тешко и траеше со денови. Додека да се роди син ми Ашер, бев толку преморена што не можев да останам будна.
Беше прекрасен, но наместо да чувствувам љубов, кога првпат го зедов во раце, не чувствував ништо“.
Бидејќи и Џејмс зел породилно отсуство, на почетокот на Јени не ѝ било толку тешко.
„Тројцата бевме среќни. Но, како што минуваа неделите, почнаа проблемите. Си ја сакав професијата (како терапевт) и сакав да се вратам на работа и да се почувствувам како да сум јас.
Имав три месеци породилно, но одлучив да се вратам порано, десет недели откако се роди Ашер“.
