„Се оддалечив од мајка ми поради сопругот, како Бруклин Бекам – уште жалам што не ѝ кажав дека ја сакам пред да почине“
„Кога мајка ми почина од рак на белите дробови, силно ја прегрнав и ѝ се извинив. Но, тогаш веќе беше доцна“.

По сè изгледа дека Бруклин Бекам навистина нема да го подобри односот со родителите, а мислењето на јавноста е поделено во целата ситуација.
Некои сметаат дека донел вистинска одлука штом Дејвид и Викторија имале толку лошо влијание врз него и сопругата Никола Пелц.
Но, други веруваат дека Бруклин сепак е контролиран од Никола и дека подоцна ќе се кае за целата драма.
Авторката Шалина Кејси од Англија смета дека Бруклин греши, па во колумна за The Sun го споделува своето искуство.
Вели дека и таа се оддалечила од мајка ѝ поради нејзиниот партнер но сега, откако ја изгубила, жали за сето ова.

Нејзината исповед во продолжение:
„Мајка ми, Тина, имаше сериозни трауми од детството кога ме роди. Била напуштена од татко ѝ кој бил студен, суров маж, кој мислел дека ќе добие почит од неа со тепање.
Мајка ми често го проектираше нејзиниот гнев на мене и никогаш не разбирав зошто.
Имаше периоди кога разговараше со мене со непочитување и гнев, но најмногу од сè го помнам звукот на нејзините чекори. Бидејќи, кога ќе влезеше во соба, гневна, сè се менуваше. Атмосферата стануваше напната.
Ја сакав и ми беше мајка, па зошто тогаш беше толку гневна кон мене? Ова ме збунуваше и правеше да се чувствувам сама и празна.
Кога се венчав во 2010 годинa и конечно почнав да зборувам за моето детство, мојот партнер внимателно ме слушаше.

Ми се допаѓаше ова бидејќи се чувствував како конечно некој сериозно да ја сфаќа мојата болка. Како повеќе да не бев сама. Но, кога ќе се присетам на тој период, сега гледам нешто што тогаш не можев да го видам.
Изгледаше како мојот партнер да ужива – не во моето страдање, туку во моќта што му ја даваше тоа. Моќта од тоа што тој е единствената личност која може да ме ’разбере‘. Дека тој е единствениот кој може да ме спаси, да ме сака и да прави да се чувствувам безбедно.
И, постепено, без да сфатам, почнав да се менувам.
Не бидејќи сакав да ја мразам мајка ми. Не бидејќи еден ден се разбудив и решив дека ќе ѝ свртам грб.
Туку бидејќи е многу лесно да паднете под нечие влијание кога сте ранливи и да ви ги промени сеќавањата за некоја личност.
Многуте разговори за мајка ми ја претворија мојата збунетост во сигурност, мојата тага во гнев, мојата болка во нешто помрачно. Ако некогаш било болка, сега беше гнев. Некогаш дури чувствував и омраза.
Додека бев во брак, мојот однос со мајка ми беше кршлив. Имаше период кога не ѝ зборував четири месеци.

Бруклин, ти велиш дека не си под ничие влијание. Дали си сигурен? Дали начинот на којшто ги гледаш мајка ти и татко ти доаѓа од тебе или можеби е под влијание на луѓето кои сега ти се најблиски?
Бидејќи, додека јас чувствував емоционална дистанцираност од мајка ми, имаше и друга вистина.
Секогаш имав за јадење. Секогаш имав чиста облека. Ако бев малтретирана или имав проблеми на училиште, таа ме бранеше најжестоко. Ако бев болна, таа ме носеше на лекар.
Кога дипломирав, беше толку горда на мене. Тоа е мигот што засекогаш ќе го ценам. Знаев дека ме сакаше.
Тогаш не размислував многу за сето ова. Бев млада, се фокусирав на мојот живот и моите емоции. Но, сега го гледам од друга перспектива. Станувам емотивна кога ќе помислам на целиот труд што го вложила за мене…
Но, долг период не можев да ја видам таа љубов бидејќи некогаш беше остра и ме повредуваше. Па, се оттргнав од неа и знам дека ја повредив. Се оддалечивме.
Но, погоди кој беше покрај мене кога се разведов. Мојата мајка.

Ми помогна одново да си го изградам односот.
Се преселив поблиску до неа, верувајќи дека ќе можеме да ја поправиме нашата врска.
Но, штетата беше тука. Живеевме блиску една до руга, но емоционално никогаш не бевме на исто ниво како пред мојот брак.
Подоцна ми кажа колку била повредена од мене и она што го кажував. Наместо да ја слушам, ја банализирав нејзината болка. Мислев на моите рани од детството.
Кога се разболе од рак на белите дробови, ме праша зошто сум мислела дека е лоша мајка. Не можев да ѝ одговорам.
Како да ѝ зборувам за миговите кога била лоша, додека таа лежи во болничка постела?
Па, не ѝ реков ништо.

Кога го зеде својот последен здив во 2021 година, ја прегрнав силно, се расплакав и ѝ се извинив.
Но, тогаш беше доцна.
Мајка ми почина верувајќи дека не ја сакам… И двете изгубивме многу.
Некогаш, најопасниот дел не е да прекинете контакт со некој додека сте гневни, туку она што се случува подоцна. Кога гневот ќе испари, кога животот ќе продолжи.
Не кажувам кој што треба да прави, но треба да размислиме двапати за одлуки од кои нема назад.
Бидејќи, на крај, личноста што ќе ја казниме денес, може да биде личноста што ќе ни недостасува целиот живот“.
Спирова С. | Црнобело
