Пар од Македонија, кој живее во Виена, доби шесто дете: „Најмалата ќерка се роди пред 3 дена, благословени сме“
„Имаме шест деца кои се на возраст од 13, 11, 6 и 4 години, едно дете од година и пол, и нашето најмало е новороденче кое има само три дена“, вели за CRNOBELO.com Илија Анѓелески.

Илија Анѓелески и неговата сопруга Ивана се родители на шест деца - четири девојчиња и две машки.
Најмалото дете е новороденче, ќерката Анастасија, која го добија пред само 3 дена, на 27.04.2026.
Илија вели „Бевме двајца, а сега сме осум“ и не крие дека сите се пресреќни поради раѓањето на осмиот член на нивното семејство.

За CRNOBELO.com, тој ни раскажа:
„Нашите деца се на возраст од 13, 11, 6 и 4 години, едно дете од година и пол, и нашето најмало е новороденче кое има само три дена.
Од 2017 година живееме во Виена, каде што сум претседател на црковната заедница, а воедно служам и како чтец во црквата.
Животот тука, заедно со црквата, ни донесе многу поголема слобода и духовен мир отколку било каде претходно.
Виена е прекрасен град, со многу паркови и можности за исполнет живот.
Во нашата црковна заедница Св.Наум Охридски во Виена има многу народ и црквата ни дава едно чувство како да сме и во Македонија, негувајќи во нашиот јазик, култура и традиција.

Нашиот живот е исполнет со љубов, песна и насмевка. Имаме време да им се посветиме на децата, но и еден на друг. Веруваме дека Бог дава време за сè.
Откако почнавме поактивно да одиме во црква, а и нашите деца почувствуваа љубов кон црквата и секогаш сакаат да присуствуваат на службите и литургиите. Го осетија Бог уште од мали, а и нашиот живот значително се промени и тргна во многу подобра насока.
Тоа нè охрабри да го прошириме нашето семејство, препуштајќи се на Божјата промисла“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело