Моќна порака од македонска мајка: „Порано било полесно – сега титкаат групите на Вибер, бираш од какво шише ќе пие детето“
„Не е дека било толку полесно. Ама нивниот ум, веројатно бил многу потивок. Додека мешаш ручек, со една рака, со другата веќе отвораш нешто на телефонот. Немало толкав притисок и страв за тоа какво шише за вода треба да има детето (шише?), каков ранец, каква ужинка, дали е балансирано, дали ја јадело. Тортите дома се правеа. Немале во глава милиони пасворди, ажурирања, непрочитани маилови, и нешто што бара внимание од тебе на секои 5 минути“.

Елена Џебр е лиценциран психолог и психотерапевт, која на својот Инстаграм профил редовно споделува совети за грижа за себе, за менталното здравје, но и за притисокот кој го преживуваат мајките.
Во една од нејзините понови вирални објави, се пронајдоа многу мајки и испрати силна порака за тоа колку е променето времето за разлика од 80-тите и 90-тите.
Таа прави јасна споредба, не за тоа дека мајките имале помалку грижи или децата биле поразлични, туку за средината и начинот на кој живееме, како и големите очекувања.
Во продолжение прочитајте во целост:
Сите зборуваат како да им овозможиме на децата детство како во 80тите и 90тите.
Но, искрено, мислам дека на мајките денес тоа време им е многу потребно.
Не е дека било толку полесно.
Децата пак биле гласни, куќата била во хаос, мајките биле уморни.
Ама нивниот ум, веројатно бил многу поТИВОК.

Се будиш со тежина во градите, со мисла што те чека уште пред да отвориш очи.
И уште пред да станеш од кревет, веќе си со телефонот во рака.
Порано, да седиш со твоето дете, немало борба со тоа колку време поминуваш на телефон.
Телефонот веќе ти вибрира.
Титкаат групите на Viber и WhatsApp.
Да не пропуштиш нешто во групата од градинка и школо.
10 известувања, а уште нема ни 9 наутро.

Сите знаат подобро од тебе. А, ти со 1000 мисли во глава, што треба да поправиш кај себе за да си доволно добра.
Еден ти кажува да бидеш присутна, друг да си продуктивна, трет да работиш на себе.
По можност, сето тоа во еден ден.

Далеку помал притисок имало за тоа како треба да изгледаш.
Како и каде да вежбаш.
Да јадеш повеќе протеин.
Да пиеш креатин.
Да почнеш со колаген.
Да ги поправиш хормоните.
Да внесеш повеќе магнезиум.
Да ги истегнеш брчките.
Да пазиш како старееш.

Додека мешаш ручек, со една рака, со другата веќе отвораш нешто на телефонот.
Во глава ти оди список што нема крај.
Ќе сакаш да си нарачаш, ама па, каква мајка си ако нарачаш.
Ќе го направиш сама, ама па, како си можела да ставиш таква состојка.

Немало толкав притисок и страв за тоа какво шише за вода треба да има детето (шише?), каков ранец, каква ужинка, дали е балансирано, дали ја јадело.
Од каков памук е облеката што ја носи, со кој прашок е испрана, во каква фолија е завиткана, во каква тава е подготвена...
Секој има мислење на секоја тема, гласно и нападно.
Едноставно, немало ни толку процесирана храна за да се мисли дали детето јадело здраво.
Тортите дома се правеа.
Без фондани, без спратови, малку криви, малку препечени, ама со помалку вина се јадеа.

Немале во глава милиони пасворди, ажурирања, непрочитани маилови, и нешто што бара внимание од тебе на секои 5 минути.
Немало бескрајно скролање.
YouTube, Reels, Shorts, Instagram, Tik Tok...
Немало таква можност да можеш да ѕиркаш во сечиј живот по цел ден.
Како родителуваат, како им е средено дома, какви рутини имаат...
Не знаеше што прават другите. И не мораше да знаеш.

Ако си сакала да се конектираш, морало да ги видиш луѓето во живо.
Да им тропнеш на врата, да си испиете кафе со слатко и домашен колач или зелник, тазе испечен.
Па, ќе си размените рецепт и ќе си помолчите, очи в очи.

Далеку од тоа дека било совршено.
На многу полиња денес е многу подобро.
Никогаш немало повеќе начини да бидеш „добра мајка“.
И никогаш не било полесно да се чувствуваш како да не си...
Затоа, искрено, мислам дека на мајките денес им треба многу посмирен ум од било кога.
Денес, мајчинството доаѓа со бука која никој не те учи како да ја издржиш.
М. М. | Црнобело