Наде Молеровиќ со апел за родителите на тинејџери: „Кога последен пат ги прашавте што им се врти во главата?“
„Тинејџерот денес ретко има простор едноставно да биде тоа што навистина е, без поправање и критикување. Прашај го твоето дете без да го осудиш: „Што е она за кое најчесто размислуваш, а чувствуваш дека никој не те прашува?“, вели мотивацискиот говорник Наде Молеровиќ и ги посочува маките на тинејџерите.

Наде Молеровиќ (68), професор по историја, поранешен директор на две основни училишта, мотивациски говорник за деца и млади, тренер за наставници и директори, автор, уметник, кој цртa невронаучна уметност и жена која вели дека најубавиот дел од животот може да дојде токму кога светот мисли дека си „готова“, односно за неа во пензионерските денови.
Таа од работата со деца знае многу за нив и затоа на својот Фејсбук профил споделува совети, кои верува дека ќе им помогнат на сите родители.
Овојпат таа зборува за тинејџерите и нивните маки.

Нејзината моќна објава:
„Кога последен пат навистина застанавме и ги прашавме нашите деца, нашите тинејџери/ки:
„Што се случува во твојата глава кога си сам?“
Уф, какво прашање?
Денес сакам да се ставиме во нивните главчиња. Да ги соблечеме очилата на возрасни и да признаеме една сурова вистина:
Нашите деца живеат во хаосен мисловен процес!
Тинејџерот денес ретко има простор едноставно да БИДЕ! Да биде тоа што навистина е, без поправање и критикување!
Тој е окупиран со прашања кои ретко кој ги помислува или пак изговара гласно:
„Дали јас мислам со моја глава, или само размислувам за тоа ШТО ДРУГИТЕ МИСЛАТ за мене?“
„Дали јас мислам тоа што јас го мислам или мислам како да им угодам на нив?“
Тоа е магичен круг!

Тој не размислува за светот, туку премногу често е опседнат со тоа што светот мисли за него!
И тука неговиот сопствен глас исчезнува! Безгласен е, невидлив, неслушнат…
А што ако навистина ТОЈ/ТАА е во право? Што ако неговиот бунт кон системот, кон нашите застарени калапи и очекувања, е всушност најздравиот дел од него?
Што ако неговата интуиција му кажува дека светот што му го нудиме е нестварен, а ние упорно го убедуваме дека тој греши?