Зошто децата сакаат да си измислуваат?
Без разлика дали се работи за измислен пријател или приказна, децата имаат живописна имагинација.
Дали треба да се грижиме за тоа или треба да се забавуваме со нивните приказни? Дали е тоа само фаза или има некое скриено значење?
Детскиот свет е полн со приватни фантастични работи и луѓе во кои децата цврсто веруваат, како измислени пријатели, животни што зборуваат и сл.
Скоро две третини деца на возраст меѓу две и пол до седум години измислуваат приказни што не се вистинити. Тоа е важен дел од нивниот раст и развој. Во првите седум до девет месеци, детето не може да се разбере себеси како посебна личност, туку се разбира преку врската со својата мајка.
Тие не ја знаат разликата помеѓу реалниот и замислениот свет. Малку по малку, децата се одвојуваат од нивните мајки, но им требаат скоро седум години за да можат да ја разликуваат реалноста од имагинацијата.
Измислените пријатели не се симптом на психолошки проблем, ниту пак се доказ за длабока тага и незадоволство на детето. Обично се симбол на одредена утеха.
Комуникацијата со измислен пријател или играчка е важна фаза на проектирање и создавање слика за себе. Кога децата раскажуваат измислени приказни, тие бараат начин да ги разликуваат од реалноста. Тоа го прават и возрасни личности кога ги раскажуваат своите соништа и кошмари.
Честопати родителите се грижат кога ќе сфатат дека нивните деца измислуваат разни чудни приказни што не се вистинити. Но родителите не им кажуваат на децата дека бајките што им ги читаат пред спиење се измислени и дека постои разлика помеѓу реалниот и измислениот свет.
Им кажуваат дека постојат самовили, Дедо Мраз и слични измислени суштества. Разни цртани филмови имаат животни што зборуваат. Затоа е нормално да се очекува, (ова е, исто така, нормална фаза на развој), децата да измислуваат приказни и повремено да живеат во свој фантастичен свет.
Но, ако детските измислени пријатели и приказни почнуваат да влијаат премногу на нивниот реален свет, родителите не треба да ги поддржуваат и охрабруваат овие однесувања.
Детските приказни и ликови можат да послужат и како добро алиби за некои од лошите работи што ги прават. Така децата знаат да кажат дека миленичето го изеде последното парче чоколадо, а миленичето не постои.
Децата користат таква приказна, која можеме да ја наречеме лага, за да избегнат евентуална казна. Кога ќе сфатат дека нема да успеат на овој начин, ќе се откажат од идејата. Затоа е добро да им објасниме дека знаеме зошто се држат до тоа лажно објаснување и дека не им веруваме.
Измислувањето може да стане проблем кога детето ќе наполни десет години. Тогаш можеме да се запрашаме кои се можните причини детето да сака да ја избегне реалноста. Друг знак на тревога е кога децата кажуваат измислени приказни за вистинските луѓе.
Ашера | Црнобело
Би можело да ве интересира:





