Јас ќе му бидам најдобар другар на моето дете и ќе го заштитам од секаква траума – НЕ и НЕ

Мојот Инстаграм е преплавен од нови мантри за воспитување на деца. Гледајќи ги сите тие прекрасни, шарени светови на мајки и деца, координирани во облеките и боите, микро и мини инфлуенсери, почнуваш да се прашуваш што не е во ред со тебе и твојот најобичен грав во петок попладне.

jas-ke-mu-bidam-najdobar-drugar-na-moeto-dete-i-ke-go-zashtitam-od-sekakva-trauma-ne-i-ne-01.jpg

Постојано се алудира на тоа како треба да му бидете најдобар другар на детето и како тоа треба да се заштити од секаква можна траума. Практично, пикни го во стаклено ѕвоно облечено како кукличе и не дозволувај ронка да падне врз него.

Мамини принцези и татини принцови. Секој ден е поубав од претходниот, ти газиш на шеќерни облаци, никој и ништо не може да те повреди. Мама и тато ти се најдобри другари.

Само, погодете што – децата си растат и денот кога ќе се соочат со нешто лошо, со траума и неправда ќе дојде поскоро отколку што очекувате.

А тогаш, многу веројатно е дека вашето дете ќе се растопи како коцка шеќер од мака. Дури тогаш ќе настане вистинската траума.

Зошто? Затоа што вие практично не сте го подготвиле за суровата реалност.

А таа е дека – наставничката ќе биде лоша. Сите дечиња нема да му бидат другарчиња на вашето дете. Тоа нема да е најпаметно и најобожавано.

Тоа ќе доживее неуспех. Ќе доживее одбивање. Многу веројатно е дека еден ден сите ќе му го свртат грбот и можеби ќе остане само. Тоа ќе биде изневерено.

Тоа нема да добие љубов од некого колку и да се труди и колку и да биде вљубено.

Што за денешните родители е детска траума? Процес изваден од секакви реални пропорции.

Да му се викне на детето. Да го повлечеш за уво или за косичката. Да го казниш со нешто – да го испратиш во собата, да му ги одземеш играчките, да му го скратиш џепарлакот, телефонот, интернетот.

Да не му зготвиш ништо друго како некој платен готвач на готовс додека ти го одбива јадењето што веќе го има пред него.

Сето ова се огромни трауми. Толку големи што „газиме на јајца“ околу сопствените деца со цел да не ги истрауматизираме малите госпоѓици и господа, додека тие практично нè манипулираат и газат врз нас.

Да, сме се обиделе со зборување и бескрајно повторување на едни исти зборови и објаснувања како папагали. Не, не функционира. Додека детето не го научи значењето на зборовите награда и казна, тоа нема да ви обрне внимание.

Додека му се дава сè во изобилство, тоа нема да научи да го цени и тоа малку што го има.

Додека го опсипуваме со сето можно внимание и му покажуваме дека е центар на универзумот, тоа ќе ни прди на главата.

Нашето детство, во најкратката можна верзија: не сакаш да јадеш од јадењето, во ред, седи си гладен. Нема друго.

Си се скарал со другарчето на улица - решете си го проблемот сами. Никој не трчал да биде медијатор во бесмислени детски кавги.

Си паднал и се удрил - зошто не си внимавал? Си ја скинал новата кошула, никој не трча да ти купи нова. Друг пат ќе внимаваш повеќе на работите.

Јас сум му најдобар другар на моето дете. Не, не си му. Детето треба да си има другарчиња соодветни на возраста.

Ти си родителска фигура, авторитет и треба да научиш како да воспоставиш контрола врз сопственото дете. Погодете колку најдобрите другари имаат контрола едни врз други? Ич, нула.

Јас ќе си го заштитам детето од секаква можна траума. Баш фино. Кога ќе се распадне од плачење на првото неуспешно интервју или неможноста да излезе на крај со лошиот шеф, кому да се пожали тоа веќе големо дете?

Растете си ги децата со љубов и внимание. Но, не е крај на светот ако поставите јасни граници во воспитувањето. Ако му подвикнете. Ако го лишите од предметите без кои „не може да живее“.

Само така ќе си го подготвите детето за реалноста наречена живот. Во спротивно, ако планирате да живеете до крајот на животот во истиот простор и не му дозволувате да диши и мисли за себе, галете го и мазете го до бесвест.

Само внимателно, снемува воздух во стакленото ѕвоно.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Што треба детето да знае пред да тргне во училиште (а не се букви и броеви)? Дете кое ги знае сите букви, но не умее да почека одмор за да јаде, да каже дека...
Мајка од Србија со моќна порака: „Среќно дете не е тивко и мирно дете – 7 работи кои е нормално да г... 1.Зборува само со себе додека си игра. 2. Се однесува будалесто и пее измислени ...
„10 причини зошто животот ми е многу поубав без деца“ – Жена предизвика онлајн дебата „Како што моите пријателки почнаа да стапуваат во брак и да добиваат деца, стану...
„Готвев, чистев и одев на работа, a маж ми само си уживаше – побарав развод по 23 години ’среќен‘ бр... „Кога се присетувам на динамиката во нашата врска низ годините, се запрепастувам...
„Се откажав од старателството над син ми – го гледам само 6 дена месечно и сум подобра мајка“ „Никој не вели ништо ако таткото минува само шест дена месечно со неговото дете....
„Имам 7-годишна ќерка, а девица сум. Никогаш не барав маж, сакав само дете“ „Не сум асексуална, имам желби. Но бидејќи никогаш не сум имала секс – не ми нед...

Најчитани неделава