Антонио од Негорци на хит начин се збогуваше со мотоциклот на денот на својата свадба (фото)
Антонио Камберов (25) на својата свадба со саканата Кика на шеговит начин се збогуваше со својот мотоцикл со напис „Ќе ми недостигаш другарче“. Тој мотоциклите ги претстави како свое семејство на свадбата, но и како страст од која се збогува во име на здравјето, за кое треба да се грижи поради своето идно семејство.

Антонио Камберов (25) oд село Негорци, Гевгелија, по занимање машинист на багери и мобилни авто кранови и поранешен тркач на македонските мотокрос патеки стапи во брак со Кика (25), која моментално е на специјализација и работи како логопед во Центарот Мајка Тереза.
На нивниот голем ден Антонио посвети големо внимание на неговата втора најголема љубов по Кика - мотоциклите.
Тој на шеговит начин дури се збогуваше со својот мотоцикл со напис „Ќе ми недостигаш другарче“.
Антонио споделува за CRNOBELO.com:
„На 13.09.2025 наполнив 25 години и на истиот ден одлучив да направам свадба со љубовта на мојот живот Кика.

Mojата партнерка секогаш ме поддржуваше во животот и спортот.
Инаку, јас возев мотоцикли од 2017. Првата моја трка беше во Прилеп - Лагово.
Во тие години искршив 5 мотоцикли.
Возев од тогаш, па до 31.03.2024, каде ја возев мојата последна трка на домашен терен на патеката Милци, Гевгелија, каде завршив на 4-та позиција.
Поради проблеми со ногата прекинав со возење и морав да правам операција.
Поради 2 скршеници на глужд мораа да ми стават пластични лигаменти и да ми направат артроскопија.
Но, никогаш нема да згасне љубовта моја кон мотокросот.
Затоа и ги претставив мотоциклите како мое семејство на нашата свадба.
Шеговито се збогував со мојот мотоцикл поради мојата здравствена состојба и поради градење на нова фамилија каде ќе им бидам потребен здрав.
Најверојатно нема да возам повеќе, можно е само низ планина „enduro ride“, колку да ме одржува во добро расположение.

Дека, сепак, за мене возењето мотоцикл е еден голем противник на психичкото нарушување, а голем пријател на доброто расположение“.

