Магично: Сара од Скопје се омажи за Италијанец во венчаницата од мајка ѝ, стара 32 години
„Ми се исполни една од желбите - на мојата свадба да го носам фустанот на мајка ми од свадбата со татко ми“, вели Сара и со љубов зборува за ова парче со сентиментална вредност. Инспиративно, зарем не? Свадбата беше во Охрид, а Сара со саканиот сега живее во Париз.

Сара е магистриран архитект, родена е и израсната во Македонија, но има живеено во Италија и Франција.
Со својата другарка Кате го отвори профилот „Yes for Less“, каде порачуваат да рециклираме и да ја чуваме природата затоа што таа ни е сè.
Таа на овој Инстаграм профил во декември 2024 откри дека нејзиниот сакан ја запросил со прстенот од баба му, а сега откри дека за свадбата ја носела венчаницата од мајка ѝ.

Нејзиниот партнер е Италијанец, а парот живее во Париз. Свадбата ја направиле во јуни 2025 година.
Таа всушност од венчаницата на мајка ѝ, со помош на дизајнерката Ирина Тошева, успеала да си направи два фустани.

Сара за CRNOBELO.com вели:
„Фустанот патуваше помеѓу повеќе градови (Париз, Скопје, Охрид) преку другарки и моите кога доаѓаа или пак јас кога одев и на видео повик и дистанца беа некои проби со дизајнерката Ирина Тошева“.

Во описот на видеото од изработката Сара вели:
„Ми се исполни една од желбите - на мојата свадба да го носам фустанот на мајка ми од свадбата со татко ми.
Кога ќе наумам нешто - наумено е, ништо не ме запира. А секогаш кога соработувам со Ирина Тошева, ѝ верувам во целост бидејќи сите мои идеи ги претвора во реалност.
Силно верувам во филозофијата на мода од втора рака, односно дека нема потреба да се купуваат скапи фустани(шта) за кои се користат целосно нови материјали, а кои ќе ги облечеме веројатно само еднаш или двапати.

И не мора да е тоа фустан за свадба, разгледајте што вие или вашите блиски веќе поседувате/ат и обидете се да му дадете втор живот на некое парче од вашата мајка, сестра, тетка, баба...
Создадете ново-старо парче облека, со сентиментална вредност, парче кое ќе заживее преку вас“.
Кликнете на видеото од изработката на фустанот:
Прочитајте и Дечко од Италија запроси Македонка: „Знаеш дека е вистинскиот кога ќе те побара со прстенот од баба му“
С. С. | Црнобело
