Магичната бохо свадба во природа во Струмица на Марија и Мартин, кои учеле во исто одделение во основно
Под отворено небо, со дрвени бохо конструкции, рачно изработени макраме детали, бели цветни аранжмани и природна романтика, Марија Кавазова (29), програмер, и Мартин Мишков (29), претприемач, од Удово, валандовско, направија бохо свадба за паметење.

Марија Кавазова (29), по професија програмер, и Мартин Мишков (29), претприемач, се заедно три години како дечко и девојка, а нивната приказна започнала уште во родното место Удово, каде што учеле и во исто одделение.

За нивната бохо свадба целокупниот концепт и идеја биле создадени од Студио Митаноски, а потоа заедно доработени со младенците. Марија и Мартин внеле свој личен печат во секој детаљ.
Од зоната за добредојде, па сè до декоративните цветни композиции и романтичните бохо елементи, секој агол бил внимателно осмислен за да пренесе елеганција, природна убавина и топлина.

Матичното и свадбеното фотографирање се одржале во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во Удово, во близина на Валандово, додека свадбената веселба продолжила во Струмица, во атмосфера исполнета со емоции, музика и незаборавни моменти.
Младенците велат дека им се допаѓа што ваквиот бохо стил носи чувство на слобода, луксуз и природна романтика во едно.

Невестата Марија Кавазова за CRNOBELO.com вели:
„Сакавме свадба што ќе изгледа природно, топло и поразлично од класичните декорации.
Мило ни е што нашата замисла беше претворена во реалност и имаше магија во секој детаљ.
Кога ги видовме декорациите, останавме без зборови“.


Инаку, бохо концептот во пролетниот и летниот период е еден од најбараните стилови за свадби и прослави.




