Тоа што не подигав кредити за огромна свадба во пандемијата се покажа како најголем благослов

Многу девојки уште од мали го сонувале денот кога ќе се омажат. Оваа приказна ја оживувале во главата до најситните детали – како ќе изгледа фустанот, велот, чевлите, до декорациите и украсите на масите. 

Toa-sto-ne-podigav-krediti-za-ogromna-svadba-se-pokaza-kako-blagoslov-01.jpg

Многу девојки сè уште ги имаат овие соништа и тоа е сосема во ред. Само што јас не сум една од нив.

Никогаш не сум сонувала за голема свадба. Никогаш не сум се замислувала во огромен балски фустан. Ниту во реалниот живот не се потресувам за шминката и фризурата, па зошто би го правела тоа на некаков си „специјален“ ден?

Некому моите избори и желби му се чинат „радикални“ и „необични“. Можеби и за мене туѓите избори и желби, на тој специјален ден да не личиш на себеси се „радикални“, но секој со своето.

Ги почитувам туѓите избори, но сакам да се почитуваат и моите. Сум била на десетици свадби и сум се досадувала до бесконечност. Знаев дека не сакам типична свадба, особено не со 300 и повеќе гости од кои добри 80% не ги познавам или сум ги видела еднаш во животот.

Знаев дека не сакав „дај-ми-го-на-ти-го“ свадба, за која јас ќе потрошам илјадници евра и потајно ќе се молам истата сума да ја добијам од гостите како свадбен дар за да си ги покријам трошоците.

Но, она што најмногу ме загрижуваше е фактот што јас сум дете на самохран родител и цел живот грчевито сме се бореле за сè што сме постигнале и имаме. И знаев дека тој родител, колку и да сака, не може да си дозволи да имам огромна свадба со сите салтанати, без да се задолжи.

Што секако не доаѓаше предвид. Ниту пак јас сакав да ја потрошам мојата заштеда што макотрпно сум ја собирала со години, планирана за поголеми работи – отплата на стан, автомобил, опремување на домот.

Пандемијата донесе многу лоши работи, но за мене лично и еден мал благослов – да не морам да се задолжувам за да направам голема свадба што и онака не ја сакав. Ваквата желба тешко може да им ја објасниш на најблиските (не дека има некаква потреба да се правдаш или објаснуваш некому).

Ама сите некако имаат мислење и одговор за туѓите проблеми.

Со пандемијата сите изговори и објаснувања испарија. На денот на регистрацијата одбрав сосема обичен фустан. Не потрошив илјадници денари за шминката и фризурата. Согласно протоколите, на растојание и со маски беа дојдени само нашите најблиски.

Се собравме на отворено, во дворче зад нашата куќа. Украсивме скромно со декорации што самите ги направивме.

Се фотографиравме сосема нормално и природно, без наместени, извештачени пози. Без притисок и без да мораме да се грижиме дали на некој друг му се допаѓа нашиот избор. Битно е дека НАМ ни се допаѓаше. Се смеевме, наздравуваме и уживавме со убава храна. Денот беше сончев и топол.

А мене ми беше најважно што мојата рака беше испреплетена со онаа на човекот што го сакам. Без никаква драма, без никаква помпа.

Без долгови и без стресови како ќе ги вратам парите со камата позајмени за некаква си свадба. И сè што сакав беше да го започнеме заедничкиот живот како едно семејство.

И да си живееме во слога и љубов. Затоа што никаква свадба, голема или мала, скромна или луксузна, нема да го одреди квалитетот на бракот.

Така што, не е сè така црно што се однесува на свадбите за време на пандемија. Барем во мојот случај не беше. Беше медено. И незаборавно.

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Водич за идни невести: Сè што ви е потребно за да организирате свадба за 1 месец Време е за вашата свадба од соништата? Но, дали ќе стигнам да подготвам се за ед...
35 фризури за свадба за невести кои немаат идеја (фото) Фризурата за свадба е од големо значење за секоја невеста – како се замислувате ...
Девојка ја прекроила венчаницата која на свадба ја носеле мајка ѝ и баба ѝ - ја расплака баба си (ви... Баба ѝ и мајка ѝ го носеле овој фустан на нивната свадба, а Британи сега го носи...
Луксузна ромска свадба одржана во Виена: Сватовите ја купија невестата за огромна сума пари Невестата била купена за неколку десетици илјади евра, а гостите не се штеделе н...
Датуми за венчавка кои се сметаат за среќни, според нумерологијата Според нумерологијата, датумот за венчавка кажува многу за тоа каков ќе биде бра...
Идеи за венчаници за невестите со облини кои се тренд оваа пролет Девојките со „некој килограм плус“ не треба да се грижат, зашто постојат одлични...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg