Како лакот за нокти да ви трае подолго од два дена?
Темелно измијте ги исушете ги ноктите пред лакирање, и не заборавајте да ставите заштитен лак на крај.

Факт е дека лакот за нокти не е траен како гелниот или акрилниот маникир, но е опција што ја избираат многу девојки и жени.
Ако и вие спаѓате овде, не мора да се лакирате преку еден ден бидејќи постојат трикови кои ќе го направат лакот долготраен.
Како лакот да ви трае повеќе од два дена?
Добро исчистете ги ноктите
Откако ќе го отстраните стариот лак со ацетон, темелно измијте ги рацете со многу сапун и потоа добро исушете ги ноктите.
Важно е на нив да нема масти што ги лачи кожата, ниту да бидат влажни бидејќи ова има влијание врз долготрајноста на лакот.
Ако користите масло за кутикули и слично, и тоа добро измијте го пред да се лакирате.
Секогаш користете лак за основа
Лаковите за основа (base coat) имаат неколку функции – ги штитат ноктите од пожолтување, ги измазнуваат и го прават лакот подолготраен.
Па, ова е чекор што никогаш не треба да го прескокнете.
Нанесувајте го лакот во тенки слоеви
Колку е подебел слојот, толку побавно ќе се суши. Притоа, ако е многу дебел, многу полесно ќе се излупи.
Затоа, прво нанесете еден тенок слој, почекајте целосно да се исуши, па ставете уште еден тенок слој за бојата да изгледа подобро.
Лакирајте ги врвовите на ноктите
Сигурно сте забележале дека лакот прво почнува да се лупи на врвовите на ноктите.
За да го забавите овој процес, нанесете лак и на самиот горен раб на ноктот за да го „запечатите“.
Ставете лак за заштита
На крај, врз лакот во боја, треба да ставите и лак за заштита (top coat).
Токму оваа заштита ќе го направи маникирот подолготраен. Истовремено, ќе го направи и посјаен.
Нанесете го заштитниот лак во тенок слој, но дури откако целосно ќе се исуши лакот во боја.
Средувајте ги кутикулите пред да се лакирате
Ако ги оставите кутикулите, тие може да го „истиснат“ лакот и тој да почне да се лупи побрзо.
Притоа, ако ставите лак врз кутикулите, лакот многу полесно ќе се излупи.
Спирова С. | Црнобело
